Бидејќи се повеќе луѓе го прифатија носењето маски за да го намалат ширењето на коронавирусот, можеби сте забележале дека некои луѓе носат двојни маски. Но, дали носењето две маски е подобро од една?
Маската Н95 е доволна
Ако успеавте да набавите N95 или вистинска хируршка маска (а не маска со „медицински изглед“ што можете да ја купите во продавница), ставањето втор слој над маската веројатно не носи голема корист, пренесува порталот „Е-клиника“.
Овие здравствени маски се изработени од цврсто ткаени материјали специјално дизајнирани за да спречат продирање на вирусни честички, па веројатно не е потребна дополнителна заштита.
Но, ако користите памучна маска, носењето уште една маска навистина може да зароби повеќе честички од вирусот при издишување и исто така може да обезбеди подобра заштита од вдишување на вирусот од воздухот.
Неодамнешното истражување спроведено на одделни маски укажува дека двослојната платнена маска за лице се покажала подобра од еднослојната.
Дали ова значи дека дополнителните слоеви што би ги добиле доколку ставите дополнителна маска на лицето пред постојната ќе понудат уште поголема заштита? Сè уште нема научни докази за ова, но додека нема, веројатно нема да боли да се маскирате двојно, особено ако се најдете во поризична ситуација, како што е живеење со некој што е болен од Ковид-19.
Другите мерки за превенција се исто така важни
Сепак, немојте случајно да добиете лажно чувство на безбедност поради дополнителната заштита со уште една маска. Мора да ги следите другите пропишани мерки и совети. Сè уште треба да одржувате физичко растојание од другите луѓе. И мијте ги рацете.
Исто така, без оглед на тоа колку слоеви ткаенина содржи вашата маска, проверете дали таа добро се прилепува на вашето лице без да остава празнини во кои може да се провлече корона вирусот.
На крај, запомнете дека најдобрата маска е онаа што всушност ја носите цело време. Доколку двојното маскирање ви е непријатно и ве доведува во искушение да ја повлечете маската под носот, што не смеете да го правите, продолжете да ја носите вообичаената маска. А.Н.