домаЗемам збор: Рамуш Муарем

Земам збор: Рамуш Муарем

Денес можеби немаше да го пишувам ова, ако не сум заплакал!

Беше утро! Првите сончеви зраци како да најавуваа дека ќе биде уште еден врел јулски ден. Од вратата на старата куќа излезе младата жена и под тремот започна подготовки да запали огин, за да го стави казанот полн со вода. Го потпали огинот и водата почна да зоврива, како и алиштата кој беа во казанот. Во меѓувреме со скршената метла, почна да го мете малото дворче. Во еден момент младата жена го чу детскиот плач од внатрешноста на куќарчето.

– Се разбуди! Изгледа гладно е, да го надојам, па пак ќе заспие… – си рече во себе младата жена.

Влезе внатре и излезе во раце држејки го петнаесетмесечното дете. Седна на троножецот во дворчето и почна да го дои.

Детето веднаш заќуте штом почувствува дека е земен в раце. Не помина ниту две-три минути, одеднаш младата жена почувствува некој чуден звук, а потоа и треперење на тлото. Треперењето и татнежот беше се посилен и посилен. Во бунило го прибра детето уште поблиску до себе и стана на нозе. Одеднаш татнежот и треперењето стана силно и неподносливо. Почна тлото да се движи а куќичките во околните дворови да се распаѓаат како кула од карти. Почнаа полека и луѓе сонливи, по гаќи, ноќници, боси да излегуваат од куќите, во страв, паника, плач и вресоци. Траеше можеби една минута, но како да беше вечност. Кога се се смири, се беше обвиткано во густ прав. Луѓето со плачлив глас се довикуваа , а некој се гледаа немо и плачеа. Куќите поголемиот дел ги снема и беа само купиште шут.

Младата жена со детето во прегратки откако се совзема од шокот, погледна околу себе. Потоа брзо влезе во куќата која имаше мал двор, ходниче, мала соба (одаја) и собиче каде преспиваше. Одајата веќе ја немаше… а собата каде преспиваше и каде до пред некоја минута спиеше и малиот син…ѕидот беше срушен токму врз местото каде што спиеја и двајцата…. Се стаписа….

– Зар е можно? Да не заплачеше син ми, можеби овој ѕид….

Да токму така. Беше 26 јули 1963 год. Скопје, во малата куќарка кај локацијата #Алтијак… во денешно време ул. Самоилова.. околу 05:20 часот наутро.

Денес можеби немаше да го пишувам ова..ако тоа дете (јас) не сум заплакал околу 05:15 часот…

Да не се повтори!!!.

Во спомен на #26јули1963

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ