Турски театар-Скопје вечерва од 20 часот на сцената на театар „Комедија“ ќе ја изведе претставата „Среќна Нова година“ по мотиви на Даниил Хармс и Дејвид Ајвс во режија на Бојан Трифуновски.
Претставата чија премиера беше на 11 јануари, е мјузикл-кабаре. Во неа уметник кој истражува зошто светот сака да се самоуништува, создава ментален простор во кој слободно размислува и твори. Таа негова ментална соба има пијано и во неа тој комуницира со своите предци и наследници, обидувајќи се да одгатне што не` тера да работиме против себе. Во неговиот замислен свет, во константна состојба на 5 до 12, пред нова година, десет масони преку јазикот на Хармс и на Ајвс создаваат атмосфера за интроспекција и самосоочување…
Улогите ги толкуваат: Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Зубејде Али, Емине Халил, Селпин Керим, Џенап Самет, Неат Али, Аксел Мехмет, Един Јакуповиќ и Берхеда Решит.
Режисерот Трифуновски е и драматург на претставата. Сценографија е на Љупчо Јованов, костимографи се Елена Вангеловска и Антонија Гугинска-Јордановска, музиката е на Ади Имери, кореографијата на Александра Кочовска-Начева.