Пишува: Наташа Доковска
Има празници што не се запишуваат во календарот, туку во срцето. За мене, Иванден отсекогаш мирисал на Ресен. На утринска роса. На јаболкови насади. На детска смеа што одекнува по тесните сокачиња на маалото каде што е роден мојот татко.
Денес, кога календарот повторно потсетува дека е Иванден, мислите сами ме враќаат четириесетина години наназад. Во едно време кога среќата беше едноставна, а празниците не се мереа со фотографии на социјалните мрежи, туку со спомени што остануваат за цел живот.
Секоја година бевме дел од прославата на Иванден во Ресен. Не затоа што така требаше, туку затоа што така живееше семејството. Во маалото каде што започнала приказната на нашиот татко, продолжуваше и нашето детство.
Најмногу ја чекавме баба ми – за сите позната како тетка Нада.
За нас таа не беше само баба. Таа беше магионичар. Од нејзините раце на Иванден се раѓаше најубавата Иванка – венец исплетен од полско цвеќе, миризливи тревки, гранчиња и љубов. Додека таа внимателно ги редеше цветовите, јас, сестра ми Сашка, братучедите Влатко и Милко и сите деца од соседството нетрпеливо стоевме околу неа. Секој сакаше прв да ја допре. Да ја проба. Да пеошета низ маалото со неа. Да биде дел од тој мал, но голем ритуал.
Се расправавме кој ќе ја носи, а по неколку минути повторно се смеевме како ништо да не било. Такви беа детските караници – кратки како летен дожд, а заборавени уште побрзо.
Тогаш не знаевме дека живееме спомени.
Мислевме дека бабите секогаш ќе бидат таму. Дека дворовите никогаш нема да се испразнат. Дека маалото секогаш ќе биде полно со детски гласови. Дека секој Иванден ќе мириса исто.
Денес многу нешта се поинакви.
Некои куќи останаа затворени. Некои дворови занемеа. Многумина од оние што нè учеа како се чуваат традициите веќе не се меѓу нас. А баба Нада одамна не плете Иванка, а го нема ни дедо Круме, ни Пеце…
Но секој Иванден, кога ќе почувствувам мирис на свежо набрани тревки или ќе видам венче од полско цвеќе, ми се чини дека повторно ги гледам нејзините вредни раце. Го слушам нејзиниот тивок глас. Повторно сум она мало девојче кое нетрпеливо чека да биде готова Иванката.
Сфаќам дека традицијата никогаш не живеела само во обичајот.
Живеела во луѓето.
Во бабите кои знаеле да создадат магија од неколку цветови. Во соседите што влегувале еден кај друг без да тропнат. Во децата што умееле да се радуваат на нешта кои денес изгледаат толку мали, а всушност биле најголеми.
Затоа Иванден за мене не е само верски празник. Тоа е ден кога си го барам детството.
Ден кога повторно се враќам во Ресен, во маалото на татко ми, под сенките на старите дрвја, каде што сè уште, барем во моите спомени, баба Нада ја плете најубавата Иванка, а ние, децата, нетрпеливо чекаме да ни ја подаде со насмевка.
И додека постои некој што ќе ја раскаже оваа приказна, ќе постои и едно мало парче од она старо време – време кога празниците не се славеа со раскош, туку со срце.

