вторник, декември 24, 2024
домаНасловнаСАД одбележуваат 17 години од терористичките напади

САД одбележуваат 17 години од терористичките напади

САД денеска одбележуваат 17 години од терористичките напади во кои загинаа 3.000 луѓе. Тоа е најкрвавиот терористички напад на американска почва, кога два киднапирани авиони удрија во Светскиот трговски центар на Менхетн, третиот удри во Пентагон, а четвртиот се урна во руралниот дел на Пенсилванија.

Се очекува илјадници луѓе, вклучувајќи ги и членовите на семејствата на жртвите, преживеани и спасувачите да се соберат на годишната церемонија на местото каде што беа кулите „близначки“ на Светскиот трговски центар во Њујорк.

Американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс ќе ги посетат и другите места во кои удрија киднапираните авиони на 11 септември 2001 година.

Американскиот претседател и првата дама Меланија Трамп планираат да се придружат на оддавањето почит на новоотворениот споменик во поле во близина на Шенксвил во Пенсилванија, додека Пенс ќе присуствува на церемонијата во Пентагон, објави Вашингтон пост.

Во моментот на нападот, Трамп бил во неговиот стан на поткровјето од Трамп кулата на шест и пол километри од Светскиот трговски центар.

На минатогодишната церемонија, Трамп им кажа на екстремистите дека „Америка не може да се заплаши“.

Трамп го обвини поранешниот претседател на САД Џорџ Буш Помладиот, кој беше на чело на САД во времето на нападот, дека не успеал да ја зачува безбедноста на Американците, потсетува АП.

Нападите од 11 септември 2001 година беа изведени од членовите на терористичката Ал Каеда, чии 19 припадници киднапираа четири патнички авиони, кои полетаа од аеродромите во Бостон, Њујорк и Вашингтон.

Киднаперите влегоа во кабините на авионите и, користејќи ножеви за хартија како оружје, ја презедоа контролата врз авионите.

Првиот авион на „Американ ерлајнс“ удри во 8.46 часот во северната кула на СТЦ, а наскоро вториот авион на компанијата „Јунајтед“ удри во јужната кула. Третиот авион удри во центарот на Пентагон во Вашингтон, додека четвртиот се урна за време на борбата на патниците  со терористите.

На местото на кое се наоѓаа кулите на СТЦ во Њујорк, беше подигнат споменик на жртвите, а  изграден е и нов Светски трговски центар.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ