четврток, декември 26, 2024
домаСтоечки аплаузи за Кардинале, Дикинс и Стојанова на отворањето на 39.ИФФК „Браќа...

Стоечки аплаузи за Кардинале, Дикинс и Стојанова на отворањето на 39.ИФФК „Браќа Манаки“

Александра Радевска

Со стоечки аплаузи во полната сала во Центарот за култура во Битола синоќа беа поздравени годинашните лауреати Оскаровецот Роџер Дикинс – Златна камера 300 за животно дело, актерската дива Клаудија Кардинале – Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност и македонската актерка Милица Стојанова – добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија.

На црвениот килим, пред Центарот за култура продефилираа Оскаровецот РоџерДикинс,  актерската дива Клаудија Кардинале, организаторите на фестивалот, членовите на жирито на годинашното издание, како и домашни личности од политичкиот, јавниот и уметничкиот живот.

Перформансот на отворањето во режија на Срѓан Јаниќијевиќ беше во знакот на магијата на филмот и посветен на мотото на фестивалот „Симнуваме капа“, а водителската улога ја имаше актерката Јелена Јованова. Обраќајќи се на присутните Гена Теодосиевска, директор на ИФФК „Браќа Манаки“ истакна дека воопшто не е лесно да се стои пред сите кои работат на филмот, додавајќи и дека „не е лесно и да се биде директор на овој Фестивал бидејќи зад мене стојат оние кои го трасирале патот на овој фестивал. Секако дека резултатот што следи оваа година се деведесет и пет наслови во 14 програми, резултат создаван 39 години“.

Таа се заблагодари на ДФРМ, Агенцијата за филм на РМ и на сите филмаџии кои ги отстапија своите филмови да бидат дел од годинашната програма.

-Велат филмот треба да им припаѓа на сите. И јас така сакам тоа да биде. Но, велат и дека знаењето ќе го спаси светот. Не го велам тоа туку-така, бидејќи мислам дека досега овде не доведе, до ова 39. издание, нечие предзнаење и затоа мислам дека ние од 40-то издание натаму ќе го направиме уште поголемо тоа знаење, истакна директорката Теодосиевска.

Градоначалничката Наташа Петровска им посака добредојде на присутните во Битола посочувајќи дека фестивалот е значаен за битолчани, но и значаен за целиот свет затоа што потврдува како може да му се пркоси на времето и потврдува дека и четвртата димензија има релативитет.

– Добрата фотографија може така умешно да го улови мигот да ја скрши минливоста, да се разлее во вечноста, како ништо друго поинаку. Оттаму мојот длабок поклон до сите кинематографи, но и до сите наши добитници вечерва кои што потврдуваат дека ваквите вредности се вредности кои треба не само да им се поклониме туку да ги пратиме во вечноста. Уживајте во седумте фестивалски вечери, бидејќи животот е премногу краток, порача Петровска.

Директорката на фестивалот Гена Теодосиевска му ја врачи наградата на добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело, скромниот Роџер Дикинс, и посочувајќи дека кинематограферите додека снимаат се како вистински ѕвезди и тешко е да се дојде до нив, се заблагодари што на фестивалот му била дадена можност Роџер да дојде во Битола.

-Кога стојам овде пред вас се чувствувам дека сум на погрешната страна од камерата. Повеќе би сакал да бидам зад неа. Мислам дека Фестивалот трае исто толку години колку што јас снимам филмови. Многу ми е драго што сум дел од оваа историја затоа што познавам многу луѓе што предтходно биле тука, но јас досега немав можност да дојдам. Пресреќен сум што станувам дел од оваа историја, рече Дикинс.

Клаудија Кардинале, примајќи ја наградата „Специјална златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност од министерот за култура, Асаф Адеми, се заблагодари на Фестивалот за прекрасната награда што и ја додели.

Игор Иванов Изи, претседател на ДФРМ на македонската актерка Милица Стојанова, и ја врачи наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија.

-За нешто помалку од две години Друштвото на филмските работници на Македонија ќе прослави 70 години постоење, а за само една година од денеска ќе прославиме 40 години од нашиот најврвен приоритет и најголем проект, филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ досега беше привилегија на оние кои блескаат зад големото платно. Оваа година направивме исклучок. Наградата ја доделуваме на актер и тоа на некој што и покрај целата стигматизација на жената во балканските, посебно во македонската кинематографија успеа да блесне на големото платно, рече директорот на ДФРМ Игор Иванов.

Стојанова изрази благодарност што ДФРМ успеале да го согледаат нејзиниот труд пред камерата и додаде дека наградата многу и значи затоа што се разликува играта пред камера од театарот, но таа е еднаква по уметничкиот предизвик.

-Им благодарам на сите филмски режисери и телевизиски режисери кои ми пружија можност да се сплотам со животот на разни луѓе пред камерите, рече Стојанова.

Претседателот Ѓорѓе Иванов, покровител на фестивалот, не беше во можност да присуствува на Фестивалот и со телеграма им честиташе на сите добитници на наградите од светот на филмот, а на филмофилите им посака исполнет престој во Битола и незаборавни мигови пред филмското платно.

-Фестивалските денови што претстојат се празник за Битола и за целата наша земја. Верувам дека и годинава ќе се претставиме како грижливи домаќини и добри организатори и достојно ќе ја претставиме и промовираме македонската кинематографија и воопшто македонската култура. Почестени сме што и годинава на „Браќа Манаки“ присуствуваат великани на светската кинематографија што е, секако, уште еден показател за значењето и големината на фестивалот.

Првата фестивалска вечер продолжи со македонска премиера на краткиот филм „Љубовникот“ во режија на Игор Иванов – Изи, по што филмската екипа: Томи Салковски, Дејан Димески, Наталија Теодосиева, Сашо Петровски, Марија Апчевска се поклони пред публиката, а во чест на лауреатот на Златна камера 300, кинематограферот Роџер Дикинс, филм за отворање беше „Истребувач 2049“ за кој Дикинс се закити со Оскар за најдобра камера.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ