четврток, декември 26, 2024
домаКардинале: Ја избрав Европа наместо Холивуд бидејќи таму многу се манипулира

Кардинале: Ја избрав Европа наместо Холивуд бидејќи таму многу се манипулира

По синоќешното врачување на наградата Специјална златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност денеска во малата сала на Центарот на култура во Битола на средба со новинарите и обожавателите на филмската дива Клаудија Кардинале присуствуваа на разговор што го водеше Микеле де Анџелис, италијански режисер и продуцент.

Кардинале отворено зборуваше за многу аспекти на својата актерска кариера, соработката со режисерите, колегите и колешките, филмските жанрови кои и се омилени, а сподели и низа анегдоти од повеќедецениската работа.

Кардинале без посебна желба да стане актерка се нашла во тој свет, како што кажа сестра и со нејзините сини очи сите ја гледале идна актерка во неа, додека Клаудија, студирала педагогија и сакала да биде учителка. Како 19-годишна девојка победила на натпреварот „Најубава Италијанка во Тунис“ (земјата каде што е родена и одраснала), освоила наградно патување на филмскиот фестивал во Венеција каде го добила првиот филмски ангажман.

-Сите ми велеа дека треба да станам актерка, па на крајот го послушав татко ми, кој силно ме наговараше, и станав актерка, раскажуваше Кардинале на почетокот на разговорот.

Како што беше појаснето иако станала позната актерка во Италија со филмот „Роко и неговите браќа“ (1960) на Лукино Висконти, нејзиниот глас бил натсинхронизиран, како и во останатите улоги од тоа време, бидејќи таа од родниот Тунис дошла со францускиот јазик како мајчин. Со улогата во филмот „8 ½“ (1963) на Федерико Фелини, Кардинале започнува да снима без насинхронизација и на италијански јазик.

Во 1963 го снимила и вториот важен филм на почетокот на нејзината кариера, „Леопард“ на Лукино Висконти.

-Со Висконти снимив четири филмови, тој обично не сакаше жени, но ми рече дека јас сум невообичаена жена, па затоа снимаше со мене, вели Кардинале.

Кардинале, која имала долга и бујна црна коса, морала да се бојадисува на секои две недели додека соработувала со Фелини кој сакал да ја види како русокоса во својот филм.

– Висконти и Фелини беа различни и како карактери и во пристапот на филмот, но со нив ги снимив најзначајните филмови во тој период. Додека го снимавме „8 ½“, Фелини секој ден ме земаше од дома со автомобил, велејќи ми дека јас сум неговата муза, се сеќава Кардинале, истакнувајќи го и италијанскиот режисер Пјетро Џерми („Факти за убиството“) како мошне значаен автор во почетоците на нејзината актерска кариера.

-Најсилното чувство во снимањето филмови е да се транформираш во друга личност, а по завршување на филмот, да и се вратиш на сопствената личност, објаснува Кардинале.

Во препозантливиот за неа отворен и ненаметлив манир уште една истакна дека во својата кариера одбивала улоги со голотија и дека не сакала да го продава своето тело, повторувајќи дека не се гледала никогаш како ѕвезда, уште помалку како секс симбол додавајќи дека тој израз воопшто не го сака.

-Не сакав да го продавам моето тело, истакна Кардинале, која е позната и како борец и активист за женските права, а од 2000 година е Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.

На прашањето од публиката каков е нејзиниот коментар на актуелното женско движење „Me Too“ во Холивуд, кое се бори против сексуалната злоупотреба на актерките, Кардинале истакна дека таа секогаш се борела и ќе се бори за женските права.

Од многуте улоги кои ги остварила, најмалку играла комични ликови. Токму со улогата во комедијата „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс, снимен во за неа судбински успешната 1963 година, Кардинале го освојува Холивуд. Подоцна не добивала ангажмани во комедии, но вечерашната проекција на фестивалот во чест на Кардинале – нејзиниот најнов филм „Благородни лаги“ (во режија на Антонио Пису) – е токму комедија, која го истакнува нејзиниот талент за овој жанр до максимум. Инаку, фестивалски гостин е продуцентот на филмот Паоло Роси.

Гледајќи ги со присутните инсертите од „Пинк Пантер“, Кардинале се присети на снимањето на овој филм и сподели уште една анегдота:

-До „Пинк Пантер“ не пушев цигари, па на снимањето ми дадоа да запалам цигара, но тоа всушност беше марихуана од која ми се слоши и се онесвестив, раскажува Кардинале.

На денешната средба со медиумите и филмските работници, кажа дека ја сакала европската филмска продукција, но не и американската, односно холивудската каде што, како што рече сурово биле манипулирани актерите.

-Не сакав да останам во Америка, бидејќи Холивуд многу манипулира, изјави Кардинале и повторно доби силен аплауз.

Сепак, истакна дека имала среќа да работи со значајни имиња во Холивуд во филмови како легендарниот „Професионалци“ (1966) на Ричард Брукс, како единствена женска ѕвезда меѓу величините како Берт Ланкастер, Ли Марвин, Џек Паланс, Роберт Рајан…

Кардинале е единствената женска ѕвезда и во култниот италијанско-американски епски „шпагети“ вестерн на Серџо Леоне, „Беше еднаш на Западот“ (1968), покрај Џејсон Робардс, Чарлс Бронсон и Хенри Фонда.

-За мене секогаш било најважно сценариото, но и добриот режисер. Многу добро се сложував и со Брукс и со Леоне, но Леоне некако повеќе ми одговараше на карактерот заради заедничката италијанска нишка. Сепак, и „Професионалци“ е меѓу моите најзначајни филмови, истакна Кардинале.

За соработката со познатите актери кои важеле за големи заводници, Кардинале нагласи дека не била во љубовна врска со ниту еден партнер меѓу кои биле и Ален Делон, Марчело Мастројани…

-Во 1960-та година го снимавме „Bell’ Antonio“ („Убавиот Антонио“) на Мауро Болоњини, со Мастројани во главната машка улога. Во филмот тој ја игра улогата на маж, Сицилијанец, кој е многу убав, но не може да води љубов со мене, па пред хотелот се собраа Сицилијанци кои тврдеа дека нема импотентни мажи кај нив, низ смеа раскажува згода од снимањето на филмот.

Кардинале ја истакна и соработката со мајсторот на филмската фотографија Џузепе Ротуно, еден од лауреатите на „Браќа Манаки“, во „Леопард“ на Висконти (1963). Сцената со балот ја снимале цели три недели.

-Ротуно беше голем уметник, истакна Кардинале.

За искуството со режисерот Пасквале Сквитиери во кој за време на снимањето на филмот „Луција“ се вљубила, па се венчале, и потоа снимиле уште 10 филмови таа истакна дека заслужна била самата, оти таа го бркала него, а не обратно. Нивната ќерка Клаудија Сквитиери која ја придружува мајка си во Битола се вклучи во разговорот со изјава дека татко и често велел дека филмот бил добар, но со текот на снимањето мајка и станувала се поубава во неговите очи, бидејќи му го сменила животот.

За конкуренцијата Б.Б. против К.К кога во периодот на нејзината голема слава медиумите вештачки подгревале „натпревар“ меѓу тогаш најпопуларните актерки – Кардинале и Брижит Бардо таа истакна дека со Бардо биле многу добри пријателки.

Разговорот со Кардинале заврши со вистинска медитеранска процесија со публиката која пеејќи ја со неа популарната италијанска песна „Марина“, ја испрати до хотелот „Епинал“.

Вечерва од 18 часот во чест на Кардинале ќе биде прикажана и драмата „Благородни лаги“ на Антонио Пизу, по што од 20 и 22 часот се првите два од 12 филма во компетиција за Златна камера 300, „Транзит“ – кинематографер Ханс Фром и „Студена војна“ –кинематографер Лукаш Жал.

За нив и останатите 10 филмови ќе одлучува меѓународното жири кое беше претставено претпладнево во Битола во состав: Олимпија Митилинеу, кинематограферка од Грција и претседател на жирито, Рајнер Клаусман, кинематографер од Швајцарија, Ребека Фајад, агентка на кинематографери од Франција и од Македонија, Ѓорче Ставрески, режисерот на „Исцелител“, македонскиот кандидат за „Оскар“. На средбата не присуствуваше Матијас Тролструп, кинематографер од Данска, кој утре ќе допатува во Македонија.

Претседателката на жирито, Митилинеу рече дека за втор пат е во Битола, но прв пат е член на жири, за кое смета дека е голема чест да се биде дел од него.

„Бидејќи и самата сум кинематографер овој фестивал е многу важен. Имавме прекрасно отворање и со радост очекувам да почнеме да ги гледаме филмовите“, рече Олимпија.

Годинава има две дами во жирито. Втората е агент на кинематографери, која често работи со нив, им помага да најдат работа. Тоа е Ребека Фајад, агентка на кинематографери од Франција.

„Мислам дека камерата не е нешто што доволно се слави и одлично е што постои фестивал што го прави тоа, а уште посреќна сум што сум дел од тоа. Камерата е голема работа за мене. Ја сакам многу и многу сум среќна што постои Фестивал што ги слави кинематогаферите,“ рече Фајад.

Рајнер Клаусман е добитник на „Златна камера 300“, а минатата година ја доби „Сребрената камера 300“ и сега повторно е во Битола како член на жирито.

„Среќен сум што сум повторно во Битола. Ова е едно големо семејство. Јас така го чувствувам и гледам секогаш многу добри филмови кога доаѓам овде. Благодарам за поканата и очекувам што ќе се случува следните денови“, истакна Клаусман.

Традиција е еден член на жирито да е македонски претставник. Оваа година тоа е режисерот Ѓорче Ставрески, чиј филм „Исцелител“ доживеа огромен успех во земјава, но и во странство.

„Исцелител“ беше избран за македонски кандидат за „Оскар“, но мене ми е сосема јасно дека патот дотаму е трнлив и тешко е да се стигне до таа листа на номинирани. Се’ уште сум резервиран. Инаку, овде се чувствувам навистина прекрасно и почестен сум што сум меѓу овие луѓе. Ова ќе бидат неколку убави денови, рече Ставревски, кој се пошегува дека на крајот како во фудбалот, пак, Германија ќе победи.

Специјален настан на фестивалот утре е мастер класа на лауреатот Роџер Дикинс. А.Р.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ