Во последното деноноќие има 29 ново регистрирани на корона вирус, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот изнесува 177 лица. Еден е излекуван и тројца се починати пациенти.
Новите дијагностицирани се во следните градови: Скопје (20), Куманово (3), Велес (3), Прилеп (2) и Дебар (1). Филипче рече дека кај четворица пациенти на Инфективна клиника се направени контролни тестови, сите се негативни, а тројца од нив се значително во подобра состојба.
Од новозаразените пет заболени се од првите 30 тестирани од вработените на Кожна клиника. Тие се асимтоматски, без симптоми на заболување, но нивните тестови за коронавирусот се позитивни. Лицата биле и ќе останат во домашна изолација, и ќе бидат во контакт со лекари од Инфективната клиника. Како што појасни министерот за здравство Венко Филипче, од вкупниот број лица поврзани со директорката, кои се во самоизолација, тестирани биле триесеттина, а позитивни биле само петте споменати. Во наредниот период, додаде министерот, ќе бидат тестирани и останатите лица.
И во Куманово има тројца нови заболени, сите биле во контакт со почината пациентка од коронавирус, информира министерот за здравство Венко Филипче.
На прашањето на ТЕХТ.МК , што е превземено за маргинализираните лица, особено бездомниците и децата на улица во услови на пандемија каде се препорачува како најважна превенитивна мерка личната хигиена, а пристапот до вода треба да е безусловен, министерот Филипче одговори дека нема информација дека има заболени од ова група на граѓани…
„Ние во соработка со МТСП разговаравме како да им се пристапи на овие лица, особено на оние се планира и соодветен пристап и помош и сето тоа ќе биде до крајот на оваа недела…“ рече минситерот Филипче.
Министерот Филипче најави дека викендов или кон почетокот на следната недела ќе биде објавена детална статистика што досега се случува со бројот на пациенти, јасно ќе бидат прикажани дијаграмите и бројките, но очекувањата со можен процент на грешка, согласно анализата на епидемиолозите.
Н.Д.