Африка Бамбаата, еден од најважните пионери на хип-хоп културата, почина на 68-годишна возраст. Веста ја потврди организацијата Хип-хоп алијанса.
Тој одигра клучна улога во создавањето и развојот на хип-хопот како музички жанр и глобално културно движење, кое се темели на мир, единство, љубов и забава.
Бамбаата е роден како Ленс Тејлор во Бронкс, Њујорк. Во 1973 година беше еден од основачите на „Universal Zulu Nation“, организација која имаше за цел да ги насочи младите од насилство кон креативност и музика.
Неговиот хит „Planet Rock“ од 1980-тите имаше огромно влијание врз развојот на хип-хоп музиката ширум светот.
Во последните години од животот, неговата репутација беше нарушена од обвинувања за сексуална злоупотреба и трговија со луѓе, кои тој ги негираше.
Според извештаите, Бамбаата починал во Пенсилванија како последица на компликации од рак.

