Сите ја сакаат пицата, од најмладите до најстарите. Совршена е за ручек, но исто толку вкусна и за вечера. Кралицата на италијанската кујна, пицата, секоја година го слави својот ден на 9 февруари. Нејзината основа е тестото, но токму додатоците ја прават посебна – било да се работи за Маргарита, Капричоза, Мексикана, Фунги, Вегетаријана или Кватро Формаџи.
Македонците остануваат верни на ритуалот на консумирање пица во различни делови од денот. Пицата најчесто се нарачува за вечера, помеѓу 18 и 20 часот, што претставува речиси 30% од вкупната потрошувачка. Интересно е што петокот останува најпопуларен ден за нарачка на пица, со 15% од вкупните нарачки во текот на целата година.
Кратка историја на пицата
Пицата има длабоки корени во историјата и се верува дека нејзините почетоци датираат уште од антички времиња, кога различни цивилизации, како Египќаните, Грците и Римјаните, подготвувале тенки, печени теста со различни додатоци.
Сепак, модерната пица каква што ја познаваме денес потекнува од Неапол, Италија. Во 18 и 19 век, во неаполските улици се продавале едноставни пици со тесто, доматен сос и неколку состојки. Најпознатата пица – Маргарита, настанала во 1889 година кога кралот Умберто I и кралицата Маргарита го посетиле Неапол. Локалниот пица-мајстор Рафаеле Еспозито ја создал оваа пица во чест на кралицата, користејќи три состојки што ги симболизираат боите на италијанското знаме: домат (црвено), моцарела (бело) и босилек (зелено).
Од тогаш, пицата се проширила низ целиот свет, прифаќајќи различни вкусови и варијации. Денес таа е едно од најпопуларните јадења во светот, без разлика дали ја јадеме во ресторан, од пицерија или ја подготвуваме дома.
Ф.Спировски