сабота, јули 27, 2024
домаЖивотСценаЕвровизија 2018-Александра Јовановска: Позитивни се реакциите за песната „Lost and Found“ на...

Евровизија 2018-Александра Јовановска: Позитивни се реакциите за песната „Lost and Found“ на „Ај кју“

Се наближува Евровизија, тимот е екипиран и се подготвува. Дали веќе влеговте во завршна фаза на подготовки? Како течат истите? Каква е атмосферата за работа?

– Без оглед на тоа што годинава можеби започнавме со работа на проектот релативно подоцна, поради сите неизвесности околу учеството на Македонија на Евровизија, сепак успеавме навреме да ги финишираме сите обврски кон ЕБУ и да го составиме тимот на соработници во координација со Ај Кју, за да преминеме на реализација на потребните активности. Во право сте дека сме во завршна фаза, се одеше многу лесно, бидејќи Ај Кју се одлични соработници, имаме комуникација којашто се темели на доверба и меѓусебна почит, реално ги согледуваме нештата и се обидуваме да го добиеме максимумот од секоја ситуација. Посветени сме и сконцентрирани, фантастичните реакции коишто ги добиваме за песната не мотивираат и размислуваме исклучиво позитивно.

Што може да се каже од досегашното сработено? Со каква кореографија и костимографија ќе настапат македонските евровизиски претставници на 8 мај, во Лисабон?

– Настапите се разработуваат во моментов од страна на продуцентите на шоуто, врз основа на претходно добиените побарувања и сценарија од страна на тимовите, така што и ние ја очекуваме последната верзија на настапот на Ај Кју, којашто дополнително ќе продолжиме да ја усовршуваме за време на пробите во Лисабон. Затоа не би коментирала за нешто на коешто сеуште се работи, но можам да кажам дека сценските движења ги осмисли кореографот и танчер Јана Андрејевиќ Лазарова, а стајлингот е на Милена Танасковска, долгогодишен соработник и стилист на Ај Кју.

Предизвикот наречен Евровизија 2018, на „Ај кју“ им го исполнува и сонот за настап. Но по порталисе се објави и за персонални промени во бендот, дека тапанарот нема да патува со нив. Кои музичари ќе бидат дел од официјалната екипа на сцена, а и да споменеме и кои членови од МРТВ годинава ќе ја сочинат официјалната делегација?

– За нас е сосема јасно уште од првиот ден дека тапанарот на Ај Кју, Иво Митковски ќе биде дел од делегацијата и ќе настапи заедно со Марија и Бојан на евровизиската сцена во Лисабон, тука нема дилеми. Не сум забележала такви написи по порталите, но веројатно станува збор за некоја претпоставка или шпекулација. Освен тројцата членови на Ај Кју на сцената како придружни вокали ќе настапат и Антониа Гиговска, Дина Јашари и Валери Димовска. Од МТВ како дел од делегацијата се Мери Попова, шеф на делегацијата, јас Александра Јовановска како шеф на прес и новинар којшто подготвува специјални емисии од настанот, Каролина Петковска како коментатор и новинар којшто ги подготвува сите останати извештаи за нашата програма, Цветко Стојановски – снимател, Авни Ќаили, новинар од Вториот Програмски сервис и по долга пауза годинава повторно во тимот имаме и новинар од радиото, а тоа е Јошко Бошковски.

Да споменеме уште еднаш кои се автори на песната, но и на спотот. Патем, ќе патуваат ли нашите претставници на предевровизиска промотивна турнеја во некоја земја?

– Автор на музиката и текстот на евровизиската песна „Lost and Found“ е Бојан Трајковски, а аранжманот, односно продукцијата е на Дарко Димитров. Како режисер на видео приказната се потпишува Јован Куциновски. Што се однесува до промотивните активности и годинава нашите евровизиски претсавници ќе бидат дел од некои од најголемите промотивни настани, како Israel Calling во Тел Авив, Eurovision in concert во Амстердам и промотивниот евровизиски концерт во Мадрид. Ај Кју на овие настани ќе ја претстават песната во живо, ќе се сретнат со бројните новинари од специјализираните евровизиски медиуми, најверните фанови и останатите учесници од другите земји, сето ова како еден убав вовед и подготовка за претстојните две недели коишто не очекуваат во Лисабон.

Кои се вашите обврски како шеф на прес на евровизиската делегација, овој период. Интензивни допишувања и промоција на песната сигурно се најголемиот дел од обврските.

– Апсолутно, комуникацијата за време на месеците работа на Евровизија никогаш не престанува, секојдневно пристигнуваат барања за пишани интервјуа, видео пораки како и информации за нашите претставници, побарувања за промотивни материјали, фотографии, аудио и видео материјал од песната. Сето ова се обидуваме да го доставиме до сите заинтересирани медиуми, договараме интервјуа и за промотивната турнеја и тука некаде, меѓу сето друго, се одвиваат моите активности како шеф на прес. Како новинар точно знам што сакаат моите колеги, па лесно ги средуваме сите побарувања иако знаеле да пристигнат и до двесте во еден ден.

Накусо, би можеле да ги искоментирате од свој агол бранувањата и реакциите на авторите и пејачите по домашниот избор, но и да ни кажете – тешко или лесно беше да се избере песна за оваа година?

– На конкурсот од 382 песни од македонски автори имаше само 30-тина песни. Не знам зошто некој од авторите или пејачите од тука би реагирале негативно, ако воопшто и не пратиле песна и не биле заинтересирани за конкурсот. А и многу e лесно да се зборува и да се сомневате во изборот кога немате увид во останатите пристигнати песни. Песната на Бојан Трајковски и Дарко Димитров, според мислењето на професионалното жири, отскокна од сите останати, а гласот на Марија Ивановска совршено се вклопуваше во целата приказна, со што на крајот неочекувано добивме на конкурсот комплетен пакет. Сите тие коментари стивнаа веднаш по објавувањето на „Lost and Found“, а дека сме направиле добар избор сега покажуваат сите позитивни реакции за песната.

Дали гледачите ќе имаат можност да ги проследат сите три евровизиски вечери, првата и втората полуфинална, и финалето, и на која програма на МТВ?

-Секако, директните преноси од двете полуфинални и финална вечер на Евровизија ќе се емитуваат на Првата програма на МТВ на 8-ми,10-ти и 12-ти мај со почеток во 21 часот. Истото важи и за Вториот програмски сервис, како и за радиото.

Македонската јавност е гладна за финале и за повисок пласман. Дали годинава конечно да очекуваме дека таа желба ќе биде исполнета? Како котираме на ВилХил?

– Тоа е навистина тешко да се каже, ниту обложувалниците во април не може да предвидат кој ќе биде победникот. Минатата година фаворит на обложувалниците, па и меѓу фановите беше Франческо Габани од Италија, а победи Салвадор Собрал од Португалија. Она што е важно е дека и годинава Македонија има песна којашто собира одлични коментари од сите страни на Европа, а општиот впечаток е дека Македонија позитивно изненадува во тој поглед последниве години. Евровизија не мора нужно да се гледа со спортски, натпреварувачки дух, сепак тоа е музички, забавен и најголем телевизиски спектакл на стариот континент, чијашто цел е да ја обедини меѓународната заедница на едно место. И годинава има рекорден број земји учеснички, дури 43, а половина од нив нема да бидат дел од големото финале. На Евровизија има само еден победник, само едно прво место, нема награда за второ, трето место или награда за текст, аранжман, сценски настап… Тоа кажува многу, а од следната година ниту земјата којашто ќе победи, нема да биде организатор на настанот, туку за тоа ќе може да конкурираат сите земји. Така што и нашата земја може да ја има таа привилегија еден ден доколку државата пронајде интерес во сето тоа.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ