понеделник, декември 23, 2024
домаКујнаФеми Кути: „Да работам со оркестар е мојот најпосакуван сон!“

Феми Кути: „Да работам со оркестар е мојот најпосакуван сон!“

„Првпат работам со голем оркестар и ова е мојот најпосакуван сон“, рече големиот африкански музички уметник Феми Кути на денешната прес-конференција, кој заедно со неговиот фантастичен бенд „Позитив форс“ и оркестарот на Македонската филхармонија, ќе одржи концерт под отворено небо на 7 јуни (четврок) во Градскиот парк во 21 часот.

Македонската филхармонија, Кино Милениум и Град Скопје, на 6 и 7 јуни организираат два атрактивни настани кои што ќе се случат под отворено небо, во Градскиот парк во Скопје, од кои едниот е концертот на Феми Кути, додека на 6 јуни во 22 часот, ќе се случи настанот „Кино на отворено“, на кој ќе биде прикажан повеќенаградуваниот македонски филм на Ѓорче Ставрески – „Исцелител“.

На денешниот прес, покрај Феми Кути, присуствуваа и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, диригентот Џијан Емин кој е задолжен и за оркестарциите на музиката на Кути, како и Филип Ивановски, извршен директор во компанијата „Пакомак“, компанија која е пријател на Македонската филхармонија.

„Со концертот на Феми Кути официјално ја отвораме летната културна сезона во Скопје.  Филхармонија годинава ќе се претстави во поинакво светло, а го отвораме и летното кино во Скопје со филмот ‘Исцелител’ кој е добитник на врвни меѓународни награди“, рече Шилегов. „Град Скопје работи на враќање на вистинските вредности кога е културата во прашање.“

„Македонската филхармонија ја има честа да биде домаќин на еден прекрасен концерт, со врвниот Феми Кути“, рече директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески. „По големата европска турнеја, тој со неговиот бенд доаѓаат во Скопје и првпат неговата музика ќе звучи со симфониски оркестар. Ќе реализираме и втор настан кон крајот на јуни, исто така на отворено, за кој дополнително ќе известиме. А овој пат, публиката ќе има можност да слушне музика во која се соединуваат афро ритмите со џезот и класичната музика.“

„Компанијата ‘Пакомак’ од самото отворање на новата зграда е еко пријател на Македонската филхармонија. Така и за овој настан. Имаме за цел да ја поттикнеме публиката која што ќе дојде на концертот, по завршувањето да ги собере отпадоците и да ги селектира во кантите на ‘Пакомак’ Се надеваме дека по концертот Градскиот парк ќе биде чист“, рече Филип Ивановски.

Славниот музичар и борец за човекови права Феми Кути, изрази огромно задоволство што е во Скопје и што неговата музика ќе биде изведена со симфониски оркестар. „Среќни сме што сме гости во вашата земја. Ова е град со прекрасни луѓе. Првпат работам со симфониски оркестар и тоа за мене е како бајка која се оствари. Веројатно, ова е најголемата работа што ја правам во животот. Џијан Емин ја познава мојата работа и согледа дека може музиката да звучи добро со симфониски оркестар. Затоа јас него го нарекувам брат, затоа што тој знаеше дека е ова вистинска работа, а јас сум среќен што не ја испуштив оваа ретка и прекрасна можност“, истакна Феми Кути.

„Сите сме среќни, можеби јас најмногу“, рече Џијан Емин. „Бев на концертот на Феми Кути пред 14 години во Скопје и за мене тоа беше неверојатно доживување. Драго ми е што оваа идеја стигна до реализација“.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ