Во Павиа животот тече поспоро и помирно отколку во големите италијански градови. Овој мал универзитетски град, сместен јужно од Милано, е познат по својата богата историја, старите калдрмисани улици и прекрасната архитектура, но и по гастрономијата која е длабоко поврзана со секојдневниот живот на луѓето. Тука храната не е само навика, туку ритуал што ги собира луѓето околу маса и создава чувство на топлина и блискост. Во секој дел од денот може да се почувствува типичниот италијански однос кон храната — едноставна, квалитетна и подготвена со многу внимание.
Ресторанчињата во Павиа најчесто се мали, традиционални и многу пријатни. Имаат дрвени маси, вински полици, тивки разговори и мирис на свежо подготвена паста или кафе. Атмосферата е домашна и опуштена, а луѓето уживаат во храната без брзање. Утрото речиси секогаш започнува со еспресо и нешто благо. Италијанците најчесто јадат кроасан со крем, чоколадо или џем, а понекогаш и парче топла фокача. Во локалните барови луѓето стојат на шанк, пијат кратко кафе и разговараат неколку минути пред да продолжат со денот.
Ручекот е многу важен дел од денот, особено за студентите и вработените. Во многу ресторани се нуди “menu del giorno”, односно дневно мени со пристапни цени од околу 12 до 15 евра. Тоа најчесто вклучува прво јадење, главно јадење, вода и кафе. Најчесто се јадат рижото, свежа паста, супи и различни меса со прилог. Рижотото е еден од најпрепознатливите специјалитети во регионот и често се подготвува со шафран, печурки или колбаси. Во традиционалните тратории може да се најде и варен јазик сервиран со сосови, како и полжави подготвени со путер, лук и магдонос — јадења што се сметаат за вистински локални специјалитети.
Фокачата е дел од секојдневната гастрономија и често се јаде како лесен оброк или ужина. Многу популарна е и белата пица, подготвена без доматен сос, со различни сирења, компири или mortadella, со многу понежен и кремаст вкус.
Навечер атмосферата во Павиа станува поелегантна и помирна. Вечерата тука не е брз оброк, туку долг ритуал исполнет со разговор, вино и повеќе јадења. Рестораните нудат побогати и поскапи менија со домашна паста, месо подготвувано со часови, сирења, морска храна и традиционални десерти. Токму во тие долги вечери најдобро се чувствува италијанската љубов кон храната — не само како потреба, туку како вистински начин на живот.
Наташа Доковска




