Десонанз фестивал, во соработка со фестивалот Таксират, за овој петок (осми декември) најавува вртоглава аудио-визуелна клубска вечер предводена од маскираниот берлински техно/IDM продуцент Headless Horseman во МКЦ.
Хедлес Хорсмен (Headless Horseman) е мистична фигура на електронската сцена и највозбудливиот хардверски техно перформанс во моментов на планетата. Неговите концерти/настапи во живо се врвен доказ за техничката спремност, но и сценографската ексцентричност која Headless Horseman ја поседува во изобилие и ја покажува на камера за Boiler Room Berlin, како и низ настапите во Berghain, Corsica Studios, Razzmatazz, Tresor, Circus Tokyo. Овој перформанс е негово деби во Скопје и дел од светската турнеа на неговиот албум и видео проект “Sanctuary”.
За загревање на публиката пред настапот на Headless Horseman ќе се погрижат Maggie (Code XX), Bodan Jamakoski (Audiobahn), Andreas Hz (Broccoli) и Martchin (BTKRSH).
„Десонанз“ е годишен фестивал на нова уметност и современа музика чија мисија е да открива, мапира и промовира автентични изрази на музичка култура и уметност во современото општество. „Десонанз“ ги истражува и експериментира со културните стандарди на мултимедијалната уметност, но и границите на колективната естетика.