среда, декември 4, 2024
домаКујнаХерцег Нови го враќа „југословенскиот“ филм

Херцег Нови го враќа „југословенскиот“ филм

„Велат дека филмот не може да го промени светот. Можеби е така, но, сепак, филмот може да направи вашето срце да чука побрзо“, рече Милчо Манчевски и го прогласи Фестивалот за отворен.

„Ништо на овој свет не е постојано, освен месечевите мени“, рече водителката на отворањето на 31. Филмски фестивал во Херцег Нови (од 1 до 7 август). Не е тоа ништо ново, но на прекрасниот простор на тврдината Канли кула, оваа реченица се вклопи толку добро, објаснувајќи ја можеби, на свој начин, магијата на фестивалот кој влегува во својата четврта деценија. Канли кула или Крвавата кула, која потекнува од 16 век (прво била затвор, од таму и името), е главното фестивалско место кое во 1966 е претворено во летна сцена што како магнет ја привлекува црногорската публика и иако има капацитет од 1.000 седишта, сепак, секоја ноќ е преполна. Тоа и не е чудно, бидејќи проекциите на Канли кула нудат навистина посебно доживување.

Филмот го гледате на платно зад кое се простира морето, секаде наоколу се издигнуваат ѕидините на тврдината, над платното е месечината, која со својата мистичност и таинственост го осветлува овој неверојатен простор и дава едно чувство на безвременост. Да, месечевите мени тука дури можете „одблиску“ да ги следите, а фестивалот е некако стопен во овој пејзаж, кој е постојан, но и не е, токму поради месечевите мени. Така и самиот Монтенегро Филм Фестивал, кој постои веќе три децении, а на влезот во четвртата покажа дека има сила и енергија за нов почеток.

Оваа година фестивалот воведе многу промени, а првенствено менувајќи ја екипата и носејќи многу млади организатори и селектори, кои всушност растеле со овој фестивал и се на негова возраст. Тоа му даде еден сосем нов здив, му даде полетност, му даде дополнителен шарм, но и неуморна желба за промени. Годинава фестивалот има пет програми и четири натпреварувачки селекции, две официјални жирија, 80 филмски наслови, секојдневни прес конференции и Q & A, но и придружна програма наменета за професионалците. Веќе првата година воведувањето на терминот индустрија (кој беше крајно време да се воведе) донесе соработка со повеќе филмски центри од регионот, но и со Филмскиот фестивал во Загреб.

Mazite ne placatОтворањето на фестивалот го одбележа босанскиот филм „Мажите не плачат“ на Ален Дрљевиќ, кој доби Специјална награда во Карлови Вари. „Мажите не плачат“ е филм за војната, онаа најстрашната, братоубиствената, војна која никогаш не завршува за оние кои биле дел од неа, војна која го всадува пеколот во луѓето од чија стапица никогаш не можете да излезете. Ова е филм со многу силни и неподносливи приказни, филм кој треба да доведе до прифаќање и разбирање на другиот, што е невозможно. Затоа и неговите протагонисти во тој изолиран планински хотел, каде што треба да поминат низ еден вид терапија, но соочени едни со други, ќе се најдат во истиот хаос и жариште, во истите апсурдни и невозможни ситуации, обидувајќи се да го сфатат несфатливото и да си простат на себе, но и на другите.

Филмот не дава решенија, бидејќи и ги нема, па токму затоа е реалистичен и искрен. Но, иако во него има навистина добри ролји, сепак, сценариото во целина е многу слабо и препатетично, предвидливо, тенденциозно и безживотно, за да може од овие приказни да создаде добар и уверлив филм. Штета, но и покрај тоа мора да се каже дека улогите на: Емир Хаџихафизбеговиќ, Леон Лучев, Борис Исаковиќ, Ермин Браво и Борис Лер се одлични.

„Мажите не плачат“ е вклучен во Главната натпреварувачка програма, но неговиот избор за отворање на Херцег Нови беше значаен токму поради тенденцијата на фестивалот да биде своевидна мала пофалба на филмовите од поранешните југословенски простори. Впрочем, затоа и е воведена новата програма „Кино Орјен“ за, како што вели селекторот, црногорскиот режисер Иван Мариновиќ („Игла под прагот“), да ја продолжи традицијата на Херцегновскиот фестивал во негување на филмовите од екс-ју просторите, филмови кои ќе направат пресек на најинтересните стилски и жанровски исчекорувања во филмската продукција на овие земји.

Името, пак, „Орјен“ има повеќе симболични значења, самиот Херцег Нови е сместен во подножјето на планината „Орјен“, но така се викало и првото кино во овој град, сместено на местото на денешната Градска кафана, во кое мештаните, всушност, учеле да ја сакаат филмската уметност и кое било нивниот прозорец кон европскиот и светскиот филм. Сега таа традиција се враќа, но на еден поинаков начин, „Кино Орјен“ е програмата во која ќе се додели наградата што го носи името на еден од најголемите црногорски режисери, Живко Николиќ, а во оваа програма ќе се доделува и единствената Награда на публиката. Така, во Херцег Нови оваа година има две жирија, за Главната програма, каде што се доделуваат традиционалните награди „Златна мимоза“ и за програмата „Кино Орјен“, која ќе направи своевиден спој на регионот, се разбира, на уметнички начин.

Milco Mancevski Herceg NoviМакедонија на ова издание на фестивалот има филм во три натпреварувачки програми, „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска е во Главната програма, „Ослободување на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија е во „Кино Орјен“, а во Студентската програма е краткиот филм „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска. Во двете официјални жирија се режисерот Милчо Манчевски и филмската критичарка Сунчица Уневска. Инаку, фестивалот му направи огромна чест на Милчо Манчевски, правејќи голем портрет на македонскиот режисер на самото отворање, кој всушност и го прогласи фестивалот за отворен. „Велат дека филмот не може да го промени светот, рече Манчевски и додаде, можеби е така. Но, филмот сепак може да направи вашето срце да чука побрзо“.

Сунчица Уневска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ