Наш специјален известувач
Сунчица Уневска
Филмскиот фестивал во Карлови Вари секогаш одушевува со својата уникатна атмосфера и, се чини, дека од година в година привлекува сè поголема публика. Годинава толку е полн овој мал бањски град од едвај петстотини жители, што едноставно станува невозможно да се разминете. Кулминацијата, секако, беше токму на отворањето, односно првите денови од почнувањето на фестивалот, кога се чини дека сите сакаа да бидат присутни. Веќе и во Карлови Вари, како и во Кан (иако ова е далеку од онаа гламурозност која ја гледаме во Кан), па сепак, и овде почнаа луѓето да се собираат масовно покрај оградата пред самиот влез на хотелот Термал, каде што се одржува фестивалот и каде што е поставен црвениот килим. Еуфоријата беше огромна, а гужвата не се расчисти дури ни по влегувањето на ѕвездите и на гостите во фестивалската сала.
Оваа година беше најавено дека на двајца од добитниците на самото отворање, кое беше целосно во знакот на долгогодишниот претседател, Јиржи Бартошка, ќе им бидат доделени т.н. Претседателски награди, што всушност ги воведе и ги доделуваше самиот Бартошка. Во негова чест, како што веќе пишувавме, првите свечени награди „Кристален глобус“ отидоа во рацете на американскиот актер Питер Сарсгард и на луксембуршко-германската актерка Вики Крипс.
Во својот говор Питер Сарсгард („Момчињата не плачат“, „Меморија“, „Кинси“, „Тажната Јасмин“, „Величествените седум“) не можеше, а да не се осврне на состојбата во својата земја и на тоа како целата оваа глобална ситуација се одразува на обичните луѓе, а посебно и на уметниците. „Невозможно е да се делува сам“. Тој отворено повика на колективна акција, говорејќи дека снимањето на филмот претставува колективна акција и дека секој актер ќе ви каже како добрата работа е возможна само ако луѓето кои се околу вас и кои работат со вас, ве поддржуваат.“
Сарсгард рече како станува сè поочигледно дека е потребно единство во поделената Америка: „Додека мојата земја се повлекува од своите глобални одговорности и сака да делува сама, од друга страна таа сè повеќе се дели внатрешно, и тоа на политички фракции, се дели во однос на половите, во однос на расите, на сексуалноста, а се делат и Евреите поради војната која ја води Израел. Некако како да не сме свесни дека кога има заеднички непријател, тогаш нема самостојно делување.“
Во својот напишан говор тој истакна дека непријателите се тие кои не делат, кои се обидуваат да не индивидуализираат, токму затоа што само колективното делување е единствениот пат кој може да не одведе напред. „Ви благодарам на сите за оваа награда, немаше да можам да го направам тоа без вас“. На крајот тој го цитираше славниот чешки државник и писател, Вацлав Хавел, кој пишува дека едната половина на собата не може засекогаш да остане топла, ако другата половина е ладна. На фестивалот беше прикажана новинарската драма „Скршено стакло“ на Били Реј од 2003 година, за која Сарсгард беше номиниран за „Златен глобус“.
За разлика од Сарсгард, кој сепак има холивудско искуство, Вики Крипс (позната по улогата на австриската царица Сиси во филмот „Корсаж“, по „Фантомска нишка“, „Островот на Бергман“) беше многу едноставна, многу скромна и „тотално неподготвена“. Прво и во облеката, немаше буквално ништо гламурозно на неа, напротив, панталони и сако, едноставно, неприметно, затворено, потполно непретенциозно, дури и „несмасно“. Кога ја доби наградата и аплаузот имавте впечаток дека и се срам, таа навистина не знаеше како да реагира на аплаузот, беше целосно збунета. И самата рече дека навистина не знаела како да се однесува, па синот и рекол да импровизира.
Беше многу искрена и отворена, зборувајќи дека никогаш не била кул, не завршила ни школо, но дека е тука и единственото што го научила е дека треба да се верува во сонот. „Филмовите нѝ даваат простор за надеж, но на овој свет сум дошла без ништо, а така и ќе си одам, ќе останат само сеќавањата и соништата, со мене не можам да ја понесам дури ни оваа прекрасна награда.“ Навистина тотално нетипичен говор, па сепак зборовите на крајот и беа полни со надеж. Таа зборуваше колку ги сака филмските фестивали, дека тие се најдобрата работа на светот, исто како и филмовите, кои ако не се злоупотребуваат, тогаш можат да ги преминуваат границите и да ги пренесуваат прекрасните пораки. „Никој не ве прашува дали имате пасош или колку пари имате. Треба да се обидеме да ги спасиме филмовите за да можат и понатаму да ја шират љубовта и мирот, и она што е најважно, простувањето. Вики Крипс ја гледавме годинава во Берлин со филмот „Топло млеко“, а во Кан беше прикажан филмот со наслов преземен од познатата песна на Елвис Присли, „Love me Tender“, кој во нејзина чест, а се чини и во чест на овие зборови, може да се види и тука, на чешкиот фестивал.
Свеченото отворање, на кое беше задолжителен дрес-код, заврши со концертот на британската група, синтпоп дуото „Ла Ру“, кој се одржа пред хотелот „Термал“ на отворено и на кој беа поканети сите. Се создаде огромна гужва, се чини сите луѓе беа излезени надвор и го слушаа и гледаа концертот од сите страни, дури и од другата страна на реката наредени долж оградите и испоседнати насекаде каде што можеше да се најде место. По полноќ беше предвиден огномет, кој навистина само ја надополни оваа нестварна атмосфера.

