дома КУЛТУРА Театар и Филм Карлови Вари: Триумф за филмот „Да се полуди во дивината“

Карлови Вари: Триумф за филмот „Да се полуди во дивината“

Главниот гостин на фестивалот пристигна на крајот - Стелан Скарсгард ја доби највисоката награда за исклучително уметничко достигнување и наедно му го врачи победничкиот „Кристален глобус“ на словачкиот режисер Миро Ремо за неговата откачена, надреална приказна за животот во изолација. На годинешниот 59. фестивал беа продадени над 128 илјади билети

0
139

Наш специјален известувач

Сунчица Уневска

На 12 јули со доделување на највисоката награда, Кристален глобус за исклучително уметничко достигнување, која му беше врачена на харизматичниот и одличен шведски, но и светски актер, Стелан Скарсгард, како и со доделување на наградите во двете главни програми, „Кристален глобус компетишн“ и „Проксима“, заврши годинешното 59. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка, на кој присуствуваа речиси 10.000 акредитирани посетители.

Интересно е дека главната награда „Кристален глобус“, која носи и 25 илјади долари, за првпат по осум години ја доби чешки филм, поточно чешко-словачка копродукција, насловена „Подобро е да полудиш во дивина“ на словачкиот документарист, Миро Ремо. Наградата на Миро Ремо за овој негов шести долгометражен филм му ја врачи, всушност, главниот гостин на фестивалот, Стелан Скарсгард.

Станува збор за многу специфична приказна, во која глумат само двајца браќа, близнаците Франтишек и Ондреј Клишик, кои решаваат на свои 60 години да живеат во дивина, поточно да се вратат во своето родно место и да живеат во изолација. Миро Ремо решава лабаво да ја развие темата со која во својата истоимена книга се занимаваат Алеш Палан и Јан Шибик, а која се состои од осум интервјуа со луѓе што живеат надвор од цивилизација. Необично е што ова е и игран и документарен филм, бидејќи браќата се играат самите себе, па сепак, не е тоа целосно импровизирачки филм, напротив, сценариото е направено многу добро, симпатично и забавно. Со други зборови, има во него многу природност, и покрај поигрувањето со многу филозофски и животни прашања.

Но, не е тоа некој трактат или есеј, напротив, сè е во него многу лудо и ексцентрично, што сосем одговара на нивниот изглед и однесување, но сепак, тука се провлекуваат, исто така, некако неверојатно природно, стиховиte за животот и за смртта, односно нивните промислувања, кои се наметнуваат, и поради годините, но и поради изолираноста. Има во него многу откачени сцени, има многу интимни моменти, има кавги, но и таа толку органска природна поврзаност, а Ремо се обидува и визуелно, низ огледалото и нивниот однос со природата и со животните, да ја долови таа уметничка нишка, која го движи филмот меѓу реалноста и фантазијата, меѓу баналноста и надреалноста.

Всушност, филмот и покрај целата изолираност и шематизираност, која едноставно не може да се избегне, не е воопшто здодевен, напротив, направен е со една таква чудна имагинација, покажувајќи дека тагата и среќата, како и стравот и радоста, како и вербата и потребата од луѓе, како и нивните понекогаш тотално забегани, а понекогаш реални разговори, сепак во себе го носи животот и покажува дека не секогаш нашето чувство на исполнетост и задоволство зависи од тоа каде сте и како живеете. Не, тоа чувство доаѓа одвнатре, бидејќи двајцата браќа се бунтовници отсекогаш, уште од Кадифената револуција, а и нивниот начин на живот е исто така бунт кон општеството, кој е тотално непредвидлив и навидум невозможен. Па сепак, би рекла дека ова е еден поинаков, необичен филм, кој може да се нарече и уметнички експеримент, но секако, не сметам дека требаше да ја добие главната награда на фестивалот.

Според мене, дефинитивно, најдобриот филм на фестивалот беше чешкиот, односно, уште една чешко-словачка копродукција со наслов „Скршени гласови“ на Ондреј Провазник, која е инспирирана од вистинската приказна за женскиот младински хор и за сексуалното злоставување на малолетниците од страна на музичкиот директор, кое се случува во Прага на почетокот на 1990-тите години. Случајот е познат како „Децата од Прага“, а директорот е осуден во 2008 за силување на десетина тинејџерки.

Филмот, за жал, ја доби само Специјалната награда на жирито за улогата на 13-годишната Катерина Фалброва, како и нестатутарната награда „Европа синема лејбел“ која се однесува на дистрибуција. Голема штета, бидејќи, не само поради приказната, но „Скршени гласови“ е толку силен филм баш поради тоа како е направен, колку автентично, колку суптилно, а жестоко, колку неверојатно изразито односно впечатливо, што умее да предизвика силни емоции. Нема никаква директност во него, целиот филм е раскажан низ очите на младата Катерина, која е неверојатна во доловување на своите емоции, од одушевеност, од еуфорија, среќа, напор да даде сè од себе, до моментот на освестување, на прерано созревање и на крајот, индивидуален, но неверојатно храбар иако можеби и очаен чин на храброст, кога ќе се одважи да ја покаже својата разочараност. Филмот е во секој поглед одлично направен, со исклучителен кастинг и со такви детали, што одушевуваат во склопување на мозаикот. Неверојатно е што тоа не го препозна жирито.

Инаку, втората награда, поточно Специјалната награда на жирито и 15 илјади долари отидоа кај иранскиот филм „Бидад“ на Сохеил Бираги, кој ја раскажува приказната за младата Сети што по секоја цена сака да пее и да настапува. Во Иран тоа им е забрането на девојките, но младата девојка ќе се одважи и во недостаток на друг начин, ќе почне да пее на улица, што ќе наиде на извонреден прием и таа ќе се претвори во ѕвезда на социјалните мрежи. Се разбира, потоа доаѓа до нејзино апсење и до обидот да се врати надежта… Интересен и храбар филм, но далеку под она ниво на кое сме навикнати кога се работи за иранските филмови и многу далеку од „Скршени гласови“, но тоа е.

Наградата за најдобра режија ја добија двајца режисери, Витаутас Каткус од Литванија и Натан Амбросиони од Франција. Првиот за филмот „Посетител“, доста слаб филм за еден млад сопруг кој се обидива да го продаде станот на неговите родители, паѓајќи во криза соочен со разделбата за која не е подготвен (инаку здодевен филм од кој излезе доста публика), а вториот „Без љубов“ на многу младиот Амбросиони, кој беше неверојатно возбуден што е во програмата, и со право, бидејќи тоа е наивно, но симпатично направен филм за семејните односи, за односот на две сестри кон нивните деца и за надминување на проблемите и стравовите.

За најдобра женска улога беше наградена норвешката актерка Пиа Тјелта за филмот „Не ме викај мама“ на Нина Кнаг, кој зборува за забранета љубов и силата на лицемерието, а за машка улога наградата му припадна на Алекс Брандемул за шпанскиот филм „Кога реката ќе стане море“ на Пере Вила Барсело, уште една приказна за девојка која е сексуално злоставувана.

Наградата на публиката на чешкиот весник „Право“ ја доби документарецот за легендарниот директор Јиржи Бартошка, кој го видовме на отворањето, во кој е поместено интервју со него од 2021 „Мораме да го врамиме“. Додека, наградите во програмата „Проксима“ отидоа кај филмот од Бангладеш, „Градот на песок“ („стилска елегија за протокот на време“) на Махде Хасан и колумбискиот „Форензика“ на Федерико Артеага, експериментален есеј за траумите на модерната колумбиска историја.

Специјална награда во оваа програма доби белгискиот „Пред/После“ на Мануел Дупон, роуд-муви за суптилното машко пријателство на неизвесниот пат за пресадување коса во Истанбул.

Карлови Вари беше преполн со гости и првенствено со млади луѓе, со многу музика и многу настани и невозможност, за оние кои немаат акредитации, да најдат карти. Редиците беа неверојатни, од утро до мрак. Беа продадени 128.133 карти за вкупно 175 филма, кои имаа над 400 проекции низ градот. Карлови Вари е и самиот како филмски сет или да не речеме филмска бајка, навистина е преубава атмосферата во него и задоволство е да се седи во тие сали и преубави градби, како што е театарот или хотелот „Пуп“, каде што се чувствувате навистина привилегирани.

Годинава имаше многу ѕвезди, а од нашиов регион само три српски филма. Но, секако минисеријата на Срдан Голубовиќ, „Апсолутни сто“, направи преседан. Единствено е голема штета што жирито годинава направи доста чуден избор, па многу филмови кои заслужуваа внимание не добија видливост, а некои кои веднаш ги заборавате, беа наградени. Но, како и сè друго на фестивалите, секогаш има можност за изненадувања, а особено за несогласувања.