четврток, декември 19, 2024
домаКујнаКоронавирусот ги скара Белгија и Холандија

Коронавирусот ги скара Белгија и Холандија

Пандемијата на коронавирус предизвика несогласувања меѓу двете соседни земји Белгија и Холандија.

Додека Белгија наметна апсолутна забрана за движење што не е неопходно, Холандија пристапува кон ситуацијата на малку поинаков начин, така што движењето и состаноците се дозволени со задолжително растојание од еден и пол метри, пренесува „Политико.еу“.

Холандската влада во понеделникот ги забрани сите настани до 1 јуни, овластувајќи ги градоначалниците да наложат затворање на јавни локации во нивните средини доколку е потребно, но мерките во таа земја се уште се поблаги од оние во остатокот на Европа, вклучително и Белгија, во која надлежните во пограничните градови стравуваат дека таквиот однос кон ситуацијата може да придонесе за ширење на вирусот.

„Во Холандија продавниците се сеуште отворени и сеуште се дозволени собири на стотици луѓе – тоа е плодно тло (за вирусот)“, рече Марино Кулен, градоначалник на пограничниот белгиски град Латакен.

Белгиските власти воведоа проверки на граничните премини минатата недела за да се ограничат патувањата само на најсуштинските, а Келен рече дека овој потег е сигнал за Хаг да го следи примерот на Белгија и другите соседи.

Поставувајќи барикади на патиштата, властите во Белгија им наредија на возачите со холандски регистарски таблички да се вратат во својата земја.

„Холандската влада е некомпетентна и смешна кога станува збор за нејзиниот одговор на коронавирусот“, вели Леополд Липенс, градоначалник на белгискиот Кноке-Хест, кој одлучи да го затвори целосно овој крајбрежен град.

„Холандија не прави ништо и ние мора да се заштитиме“, вели тој.

За време на минатонеделната парламентарна расправа, холандскиот премиер Марк Руте се обиде да го одбрани пристапот на неговата земја, во која сепак се затворени училиштата, баровите и рестораните.

„Целта на овој пристап е да не се преоптоварува здравствениот систем, како и да се заштитат старите лица и ранливите“, рече тој.

Сепак, Руте во петокот ги повика холандските државјани да не патуваат во Белгија само за поевтино гориво или туризам.

„Луѓе, не ја преминувајте границата за дневни патувања или излети, работите не се како обично“, рече тој.

Во Холандија досега се пријавени 4.749 случаи на коронавирусот, а починале 213 лица, додека во Белгија потврдениот број заразени лица е 4.269, а бројот на починати е 122, наведува „Политико.еу“. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ