домаКУЛТУРАТеатар и ФилмМајкл Даглас: Идеализмот во САД веќе не постои

Мајкл Даглас: Идеализмот во САД веќе не постои

На фестивалот во Карлови Вари, каде што пред 50 години имало премиера на денес култниот филм „Лет над кукавичко гнездо“ (1975) на инсистирање на неговиот режисер, Милош Форман, оваа година имаше повторна проекција со нова реставрирана копија, а по тој повод дојде еден од продуцентите, Мајкл Даглас, кој беше исклучително горд на филмот и на квалитетот на филмови што во тоа време биле со него во конкуренција. „Лет над кукавичко гнездо“ беше вториот филм што ги доби сите пет „оскари“ во главните категории

Наш специјален известувач

Сунчица Уневска

Најголемо внимание на 59. Филмски фестивал во Карлови Вари, и покрај богатата програма и бројни ѕвезди, сепак, привлече доаѓањето на Мајкл Даглас. Даглас е легенда и поради своите улоги, и поради својот животен стил, секако, и поради величината, односно уште полегендарниот татко, Кирк Даглас, покрај кој, како што секогаш зборуваше, не било воопшто лесно да се расте и наедно да се изгради и сопствена кариера. Кога тој имаше проблеми со својот син Камерон, обидувајќи се да му помогне на суд (кога беше обвинет за препродававање дрога) токму тоа и го зборуваше, колку голем товар е да се расте покрај таква ѕвезда, а камоли покрај две ѕвезди, што сигурно било многу голем проблем и одиграло голема улога во животот на неговиот син.

Мајкл Даглас, како што веќе се знае, во Карлови Вари дојде по повод одбележувањето на 50-годишнината од премиерата на еден од најголемите филмови во 1970-тите години, кој беше неверојатна слика токму на општеството, но што е најинтересно, на општеството тогаш и денес. Бидејќи, „Лет над кукавичко гнездо“ (1975) е филм кој уште кога се појави ги уриваше границите, зборувајќи за борбата на поединецот против системот, што отсекогаш било горлива тема, како за времињата за кои говориме, така и за земјите, без оглед на тоа за каков систем се работи.

Интересно е дека „Лет над кукавичко гнездо“, чии продуценти беа Мајкл Даглас и Сол Зенц, е поврзан и со татко му на Даглас, бидејќи прв кој сакал да направи филмска адаптација, но и да ја игра главната улога во него бил токму татко му Кирк Даглас. А Милош Форман бил тогаш и неговиот избор, но поради политичките прилики во Чехословачка, тоа во почетокот на 1960-тите години не можело да се оствари. Даглас и Зенц веќе во средината на 1970-тите години ќе одлучат дека, сепак, Кирк Даглас е стар за таа улога и на крај изборот ќе падне на Џек Николсон, иако во игра за улогата биле многу големи имиња, како: Марлон Брандо, Џејмс Кан, Берт Рејнолдс, Џин Хекман. Во тоа време односите меѓу таткото и синот малку ќе заладат, но Николсон се покажа навистина правиот и неповторлив избор, исто како и главната сестра во прихијатриската установа, Луис Флечер.

На сцената во Карлови Вари Мајкл Даглас се осврна токму на неверојатната конкуренција во таа далечна 1976 година и на филмовите кои тогаш се бореа за најдобро остварување, меѓу кои беа и: „Кучешко попладне“, „Ајкула“, „Бери Линдон“ и „Нешвил“. „Ве прашувам јас вас, рече Мајкл Даглас, дали во последниве 20 години имало избор на филмови со тој квалитет?“ Во тоа време филмот, на барање на режисерот Милош Форман, беше претставен на фестивалот во Карлови Вари, кој бил на своите почетоци, а Форман бил негов искрен поддржувач. Тогаш сите заедно и со продуцентот Сол Зенц и Дени де Вито, кој во филмот го игра Мартини, добија „Златни глобуси“ за нивниот исклучителен придонес кон светската кинематографија. Па сепак, организаторите решија и сега, по повод 50-годишнината на Даглас да му врачат „Кристален глобус“. Инаку, годинава на фестивалот на Даглас му се приклучи и внукот на Сол Зенц, кој исто е продуцент, Пол Зенц, а присутни беа и членовите на семејството на Милош Форман.

„Многу е необично, додаде Даглас, да му одадам почест на филмот што го работевме пред 50 години. Но, тоа секако, е потсетник колку тој филм беше посебен. Вистинско задоволство за мене е да се вратам во овој шармантен град, на ‘местото на злосторството’, каде што Милош Форман пораснал, особено со сето она што тој во својата кариера го постигна.“ Инаку, филмот беше прикажан во нова реставрирана и дигитализирана копија.

Продуцентот Пол Зенц, запрашан за тоа, дали можеби по половина век размислуваат да се направи римејк на филмот, тоа го одрече, што како одлука е навистина фантастично, особено фактот да не се паѓа на некаква популаризација. Се покажа низ годините, дека култните филмови, кои живеат и после толку години, многу тешко можат да се повторат, односно кога е нешто совршено, зошто би правеле нова верзија. Сол Зенц категорично рече дека римејк нема да има, иако имаат идеја и работат на телевизиска серија која исто би била адаптација на класикот на Кен Кизи, по кој тогаш филмот и беше направен. Серијата би се базирала на книгата, која е раскажана низ очите на поглавицата Бромден (се сеќавате на големиот, глув Индијанец, кого го играше Вил Семпсон). Како што откри Сол Зенц, ликот на Џек Николсон би умрел на крајот на првата сезона, а потоа приказната би се префрлила на поглавицата Бромден и сè што нему ќе му се случува откако ќе побегне. „Поглавицата Бромден, додава тој, доживува параноја и халуцинации, што го прави упатен во тајните, но несигурен во откривање на вистината.“

Но, секако, како и што се очекуваше, настанот во голем дел беше посветен на Мајкл Даглас. Тој изјави дека нема намера да се врати на глумата, навраќајќи се искрено на здравствените проблеми со кои се соочуваше. Зборуваше дека ракот на грло во 4 стадиум не е воопшто играчка, и дека ја прифатил програмата на хемотерапија и зрачење. „Имав среќа, рече тој, инаку во спротивно ќе требаше да правам операција, а тоа ќе значеше да ми отстранат дел од вилицата, што секако би ми ја завршило кариерата како актер.“

Нема работено, како што зборуваше, од 2022. „Работев многу, цели 60 години и не сакав да бидам еден од оние кои ќе паѓаат мртви на сет. Немам некој план да се вратам, иако не велам дека сум во пензија. Моментно има еден мал независен филм од кој се обидувам да извлечам добро сценарио, па ако се случи нешто посбено, можеби ќе се вратам. Но, сега за сега, како што рече, во духот на одржување на добриот брак ‘среќен сум да глумам сопруга’“, се нашали тој.

Се разбира дека не изостанаа и прашањата за политичката ситуација во Америка. „Американскиот идеализам веќе не постои, истакна Даглас, моментално нацијата ‘кокетира со автократијата’. Генерално, на тоа гледам низ фактот колку е скапоцена демократијата, но и колку е ранлива ако не се заштити. Денеска луѓето влегуваат во политиката за да заработат пари, бидејќи парите влегоа во демократијата како центар на профитот.“ Тој додаде дека навистина се плаши за демократијата во САД под Трамповата администрација, осврнувајќи се токму на Чешка и на нејзиното искуство низ годините. „Мислам дека она со кое сега се бориме е потсетник на целата напорна работа која Чесите ја вложиле во стекнување на својата слобода и независност. Ние го одржавме идеалот, верувавме во идеализмот во САД, кој денеска веќе не постои“, со жалење заклучи на крајот Мајкл Даглас.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ