Утревечер, на 16 мај, со почеток во 21 часот во ноќниот клуб „Станица 26“ во организација на „3Гонга“ ќе настапи македонскиот инструментален состав „Chromatic Point“. Оваа музичка група свири инструментален етно прогресив метал. Членовите на бендот Душко Ичев на клавијатури, Ален Спасевски на бас гитара, Христијан Ристески, гитари и Филип Јездиќ на тапани ветуваат неколкучасовно енергично дружење. Како предгрупа ќе настапи прогресив рок групата „Yuigi“ од Софија.
Бендот е формиран 2010 година и веќе активно работи 8 години. Зад нив имаат издадено 3 албуми „Златен Пресек” во 2012 година, кој е самоиздат, потоа „Слики од Старата Куќа” во 2014 година за „Miner Records“ и третиот албум „Изгрев”2016 година, исто така самоиздаден.

Досега имаат настапувано на повеќе фестивали низ земјава, меѓу кои Пиволенд, Виноскоп, Т`к Так фест, МАН алтернативни награди, како и многубројни самостојни концерти во Скопје и во другите градови низ Македонија. Изминатиов месец имаа три настапи во соседна Бугарија заедно со бугарската група „Yuvigi“, а по настапот во Станица 26 ќе настапат на фестивалот Полинерок во Пловдив, каде ќе ја делат сцената со бендови од целиот Балкан, како и од други европски земји.
Во меѓувреме, бендот интензивно работи на создавање музика за нивниот 4ти по ред студиски албум.