домаЖивотМатематичари пресметале стапка на наталитет што спречува исчезнување на лозата - мајката...

Математичари пресметале стапка на наталитет што спречува исчезнување на лозата – мајката треба да роди најмалку 2,7 бебиња

Развиените земји се соочуваат со демографска криза, па затоа тим математичари од Универзитетот Шизуока во Јапонија откри колку бебиња треба да роди една жена за да избегне долгорочно истребување.

– Вообичаено се смета дека нивото на фертилитет потребно за замена и одржување на популацијата е 2,1 дете по жена, но ова ја игнорира стохастичката демографска проекција на индивидуалниот број на потомци. Сепак, значењето на стохастичката проекција фрла сенка врз стапката на фертилитет од 2,1 деца, особено кај помалите популации, се наведува во студија објавена во онлајн списанието „PLOS One“.

Математичарите, како што се посочува, затоа ги испитувале стапките на фертилитет на населението со стохастичка проекција.

– Резултатите покажуваат дека стапката на фертилитет треба да биде повисока од 2,7 бебиња по жена за да се избегне истребување. Прагот на истребување се намалува ако се родат повеќе женски бебиња. „Веруваме дека овие резултати го објаснуваат и феноменот дека повеќе девојчиња се раѓаат во тешки услови“, велат во студијата научниците, предводени од истражувачот Такуја Окабе.

Математичарите користеле математички модели за да видат како демографската варијација влијае врз преживувањето на различни популации во текот на повеќе генерации, пишува „Phys.org“.

Авторите заклучуваат дека вистинската одржливост на населението – како и одржливоста на јазиците, културните традиции и разновидните семејни лози – бара преиспитување на конвенционалните цели за плодност. Тие истакнуваат дека наодите имаат импликации и врз напорите за зачувување на загрозените видови за кои се поставени цели за стапка на плодност, пренесе српски „Телеграф“.

– Со оглед на стохастичноста во стапките на фертилитет и морталитет, како и во односот на половите, стапка на фертилитет повисока од стандардното ниво на замена е неопходна за да се обезбеди одржливост на нашето население – рече Дајана Кармелиза Н. Кварезма.

Според пресметките, во светот моментално живеат 8,06 милијарди луѓе, што е повеќе од кога било досега во историјата, а многу научници предупредуваат дека светот е пренаселен и дека ресурсите на планетата се намалуваат. Т.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ