Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за лечење на коронавирусот со инјектирање средства за дезинфекција ги шокираше медицинските експерти, кои предупредија за фаталните последици од ваквиот предлог.
Трамп ги запрепасти лекарите со предлог да испита дали може да се лекува коронавирусот со вбризгување на средство за дезинфекција во организмот и зрачење на пациенти со УВ зраци, пренесува „Гардијан“. На состанокот на Работната група за коронавирус во Белата куќа, вчера американскиот претседател разговараше за новата владина студија како вирусот реагира на различни температури, клима и површини.
Тој посочи дека дезинфекциско средство го уништува вирусот во рок од една минута и дека постои начин да се направи нешто слично со болеста, како што е вбризгување во организмот.
„Ова ми звучи интересно, затоа треба да се провери“, рече Трамп.
Советникот за коронавирус во Белата куќа, д-р Дебора Беркс, остана „без зборови“, додека социјалните медиуми експлодираа со реакции, почнувајќи од потценување до огорченост кон Трамп, чии предлози упорно и пркосат на науката. Неколку лекари ја предупредија јавноста да не инјектира средства за дезинфекција и да не користи УВ светлина.
Роберт Раџих, професор на Универзитетот Беркли во Калифорнија и поранешен секретар за труд, на Твитер напиша: „Состаноците на Трамп активно го загрозуваат здравјето на јавноста. Бојкотирајте ја пропагандата. Слушајте експерти. И ве молам, не пијте средства за дезинфекција“.
Валтер Шауб, поранешен директор на Кабинетот за етика на владата, додаде: „За мене е несфатливо дека морон како овој има највисока функција во земјата и дека има луѓе доволно глупави да мислат дека тоа е во ред. Не можам да верувам дека во 2020 година морам да предупредувам секого што го слуша претседателот дека инјектирање средства за дезинфекција може да ве убие “.
Трамп веќе се најде под сериозни критики за промовирање на хидроксихлорокин, лек од маларија, како терапија за коронавирусот. Истражувањата не докажаа дека лекот е корисен, а владиниот експерт за вакцинирање тврди дека бил отпуштен заради залагање за ограничување на неговата употреба. А.Н.