домаЖивотНВО активностиМедиумска писменост, форуми на училишни правобранители - дел од препораките од работилницата...

Медиумска писменост, форуми на училишни правобранители – дел од препораките од работилницата „Од тишина до акција: Родова дезинформација“

Работилницата „Од тишина до акција: Родова дезинформација“, организирана од Новинари за човекови права во рамки на Erasmus+ проектот Future Chronicles, обедини млади, граѓански организации, медиуми и институции во заедничка дискусија за родовата дезинформација и онлајн вознемирувањето.

Настанот се одржа на 27 април во Дневниот центар Гнездо и имаше за цел да отвори безбеден простор за учење, размена на искуства и креирање конкретни препораки за подобрување на дигиталната безбедност и учеството на младите онлајн.

Работилницата започна со вовед во проектот „Идни хроники“ и поставување правила за безбеден простор – почитување, активно слушање и разговор без осудување. Преку ајсбрејкер активности, анализа на реална приказна, работа во мали групи и заедничко креирање препораки, учесниците имаа можност активно да дискутираат, разменуваат искуства и предлагаат решенија. Целта беше поттикнување критичко размислување, медиумска писменост, соработка и демократски дијалог меѓу младите, институциите, медиумите и граѓанскиот сектор.

Преку анализа на вистинска приказна и работа во мали групи, учесниците анализираа како функционираат родовите стереотипи, кои тактики на дискредитација и лажна поддршка се користат онлајн и како ваквите напади влијаат врз самодовербата и учеството на младите во дигиталниот простор.

Потоа учесниците во три тематски групи: индивидуална и врсничка поддршка, заедница и образование, како и политики и платформи преку дискусии дадоа конкретни идеи и препораки за институциите, училиштата, социјалните мрежи и самите млади.

Како едни од најважните препораки беа издвоени:

  • воведување медиумска писменост како задолжителен сегмент во образовната програма,
  • формирање форуми на училишни правобранители со препораки за институционални промени,
  • зајакнување на самодовербата преку врсничка поддршка,
  • подобрување на механизмите за пријавување и институционално постапување,
  • како и поголема соработка меѓу училиштата, општините, медиумите и граѓанските организации.

Учесниците посочија дека TikTok и Instagram се платформите каде младите најчесто се соочуваат со родова дезинформација и онлајн напади, но и простори каде може да се поттикнат позитивни промени и солидарност.

Работилницата заврши со круг за рефлексија, каде учесниците споделија што научиле и што би направиле поинаку во иднина – потврдувајќи дека борбата против родовата дезинформација започнува со разговор, поддршка и активно учество на младите. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ