Бендот “Корка” од Кочани, кои се еден од водечките млади бендови од Македонија, ја започна годината со својата прва интернационална турнеја со 7 концерти низ 6 држави.
Публиката во Приштина, во алтернативниот културен центар “Термокис” ги слушаше вчера на 3 јануари, а веќе денеска се во Подгорица во Друштвениот културен центар “Помаранџа”.
Потоа се спуштаат на море во Задар каде свират во Автономниот друштвено културен центар “Нигдјеземска” во вторник на 06 јануари. Им следат и два настапи во Словенија во Љубљана во Гала Хала и во Културниот дом во Железники на 8 и 9 јануари.
На крај по пат накај дома ќе го посетат Белград со претпоследниот концерт од турнејата во “Квака 22” на 11 јануари. Тие ќе ја завршат турнејата по мал одмор со концерт пред домашната публика во “Котур” во Скопје на 19 јануари.
“Корка” се под капата на независната музичка издавачка куќа “Мртов коњ” кои се одговорни за организирањето на оваа турнеја.
Оваа турнеја доаѓа после веќе неколку настапи надвор од Македонија, како оној на фестивалот “Changeover” во Белград оваа есен, како и посетата во Брисел со нивен концерт на меѓународниот натпревар “Imagine Music Experience,” кадешто ја освоија
наградата од публиката пред само половина месец.
“Корка” го издадоа своето прво истоимено EP во мај оваа година и веќе се добро познати на македонската публика после бројни настапи во Кочани и Скопје и еден во
Битола. Тие се истакнуваат отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук, велат организаторите. Т.Р.

