„Некој ме гледа романтично“ е насловен традиционалниот љубовен концерт кој ќе се одржи в четврток, со почеток во 20 часот во Македонската филхармонија. На програмата е „Балет за Марта“ од балетот „Пролет на Апалачите“ од Арон Копланд, Три танцови епизоди од балетот „Од градот“ од Леонард Бернштајн и арии од љубовната опера „Порги и Бес“ за сопран, баритон, хор и оркестар од Џорџ Гершвин. Диригент е маестро Јерухам Шаровски од Израел, а како солисти ќе настапат сопранистката Бети Гарсес (Колумбија) и бас баритонот Кевин Шорт (САД). Ќе настапи и хорот „Про Арс“ кој го подготви маестро Сашо Татарчевски.
Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од страна на славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“. Тогаш ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешниот Советски Сојуз (СССР), која за него била значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар прераснал во еден од најпопуларните симфониски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој остварувал турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Во тој период, Шаровски го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој станал еден од најпознатите ансамбли во земјата. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф диригент на Македонската филхармонија.
Извонредната Бети Гарсес Бедоја моментално се смета за една од најистакнатите колумбиски сопранистки. Родена e во Буенавентура, на бреговите на колумбискиот Пацифик, и таа е првата Афроколумбијка којашто изградила растечка кариера како лирски сопран. Дел е од колективното движење „Opera for Peace“. Во 2021 година беше почестена со високо уметничко признание за културен придонес од претседателот на Колумбија и Министерството за култура. Таа беше дел од листата „Forbes Creative 2020“ и неодамна ја доби специјалната стипендија за престој на нов уметник во подем, доделена од „RWLE Möller Stiftung“ во Германија. Бети Гарсес настапува во значајни оперски продукции, активно одржува концерти и рецитали ширум светот. Магистрирала на Универзитетот за музика во Келн, специјализирајќи се за опера, со фокус и на ораториум, симфониски репертоар и камерна музика. Нејзиниот оперски репертоар вклучува бројни улоги како Аријадна во „Аријадна од Наксос“, Амелија во „Симон Боканегра“ или Леонора во „Моќта на судбината“. Исто така, ги изведувала улогите на Мими во „Боеми“ и Лиу во „Турандот“. Во Колумбија успешно дебитира како главен лик во зарзуелата „Сесилија Валдес“ во Театро Колон во Богота. Во 2016 година, беше солистка на светската премиера на мултимедијалната опера „3 Мил Риос“ на композиторот Виктор Гама. Бети Гарсес е извонредна и страсна интерпретаторка и на соло песните и редовно одржува рецитали на најголемите сцени. Нејзиниот репертоар вклучува дела од композитори како Штраус, Корнголд, Берг, Шенберг, Малер, Шосон, Онегер, Буланже, Бритн, Гинастера, де Фаља, Рахмањинов.
Американскиот бас-баритон Кевин Шорт, кој во 2021 година се приклучува на наставниот кадар на престижната школа „Џулијард“, настапува низ целиот свет во репертоар што опфаќа дела од Моцарт, Монтеверди, Верди, Бизе, Вагнер… Неговите настапи во Северна Америка вклучуваат изведби со операта „Метрополитен“, Њујоршката оперска компанија, оперите во Чикаго, Хјустон, Лос Анџелес, Вашингтон, Сиетл, Филаделфија…, но и неговите европски и азиски достигнувања вклучуваат настапи со повеќе оперски куќи, оркестри и фестивали, во Париз, Велс, Келн, Дрезден, Берн, Катанија, Финска, Австрија, Шпанија… Шорт исто така има активен концертен и рецитален распоред, настапувајќи со бројни оркестри во светот. Своето образование го стекнал на Универзитетот Морган, институтот за музика Кертис и Американскиот оперски центар на „Џулијард“. Добитник е на бројни награди и признанија. Неговиот соло ЦД-албум „Mephistopheles and Other Bad Guy“ за „Пентатон“, беше прогласен за еден од извонредните класични записи во 2018 година од WQXR. Т.Р.