понеделник, мај 20, 2024
домаПретставување и разговор со писателката и сценаристка Дора Шустиќ

Претставување и разговор со писателката и сценаристка Дора Шустиќ

На 9 април (вторник), со почеток во 19:30 во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи книжевен настан на кој ќе биде претставено творештвото на писателката и сценаристка од Хрватска, Дора Шустиќ. Модератор на настанот ќе биде писателот Владимир Јанковски.

На настанот ќе биде претставен нејзиниот роман „Пци“, за кој таа беше финалист за најзначајната награда за роман во Хрватска, наградата „т-портал“, а ја доби книжевната награда „Драго Герваис“. Романот „Пци“ ја раскажува приказната за младата жена која откако ќе се запише на славната Филмска академија во Прага се надева дека од животот ќе го добие сето она што го сака – „знаење, слобода, секс, работа, успех, љубов и пари“. Прага е градот на нејзините сништа, но и место во кое ќе се соочи со сите предизвици на животот. Кога на една забава ќе се запознае со постар харизматичен фотограф, таа се вљубува и се препушта на страстите, без да насетува колку е моќна неговата темна енергија. „Пци“ е роман за генерацијата миленијалци желни за слобода, пораснати да веруваат дека сè е можно додека суровоста на либералниот капитализам не ги сведе на прекарна работа во која нема место за идеалите на младоста. Освен за романот „Пци“, Дора Шустиќ ќе зборува и за својата работа како сценаристка и режисерка, како и за другите прозни, поетски и есеистички дела.

Дора Шустиќ (1991, Риека) е писателка и сценаристка. Дипломирала политички науки во Љубљана и сценаристика на ФАМУ во Прага. Живеела во Истанбул, Берлин, Љубљана и Загреб, каде што моментално работи како сценаристка и развива свои филмски и книжевни проекти. Објавува кратки раскази, песни, новинарски текстови и есеи на хрватски, словенечки и англиски јазик.

Настанот е дел од резиденцијалниот престој на Дора Шустиќ во Скопје, поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ