Наш специјален известувач
Сунчица Уневска
На Филмскиот фестивал во Карлови Вари редиците се сè поголеми и сè потешко можат да се најдат билети, особено за подобрите филмови, односно, филмовите за кои се зборува. Интересно, но така беше и за српската минисерија „Апсолутни 100“. Зошто велиме интересно, затоа што станува збор за серија од шест епизоди која трае речиси цели пет часа, па не очекувавме ни ние, а ни авторите на серијата дека ќе биде распродадена. Но, испадна дека веќе првиот ден за оваа серија билети не можеа да се најдат.
„Апсолутни 100“ е дебитантскиот долгометражен филм на Срдан Голубовиќ од 2001 година, кој ја освои публиката на Балканот, но и многу пошироко, затоа што беше на бројни фестивали и доби многу признанија и награди. Но, не само за тоа, „Апсолутни 100“ беше приказна за нас, приказна со Срѓан Тодоровиќ и Вук Костиќ, која не освои на прва и која го има своето место и до ден денес, претворајќи се во своевиден класик на новата генерација филмаџии. Тоа е филм со кој многумина и пораснаа, но дефинитивно филм, кој покажа дека Срдан Голубовиќ е сериозен автор од кој може многу да се научи, но и да се очекува. А тоа се покажа точно, бидејќи како ретко кој по првичниот успех направи уште редица извонредни филмови што, исто така, поминаа доста добро и кај публиката и на филмските фестивали, но тоа се исто така филмови кои се паметат, филмови во кои се препознаваме, филмови кои толку добро го доловуваат времето во кое живееме. Доволно е само да ги споменеме: „Стапица“, „Кругови“, „Татко“, а сега и минисеријата „Апсолутни сто“.
Но, на серијата, чии креатори се Голубовиќ и Иван Кнежевиќ, работеа повеќе автори, па така, покрај Голубовиќ, режијата ја потпишуваат уште тројца режисери, негови поранешни студенти, и тоа: Никола Стојановиќ, Катарина Мутиќ и Стефан Иванчиќ. Но, серијата навистина делува унисоно и што е најважно, се гледа во еден здив. Со други зборови, тоа е серија која и покрај должината (ако ја гледате наеднаш) не е нималку здодевна или развлечена, напротив, некако сè е на свое место, филмската приказна си има свој ритам кој има целосна оправданост и интересот и желбата да се изгледа докрај некако се подразбираат. Во Карлови Вари после третата епизода имаше 15 минути пауза, но потоа ја догледавме речиси сите. Салата остана полна, а по нејзиното завршување се одржа и дебата со авторите и актерите.
Веќе самото тоа е навистина голем успех, а организаторите на чешкиот фестивал најавија дека по 4 години пауза, селектирањето и прикажувањето на една ваква минисерија го најавува враќањето на овој телевизиски формат на фестивалот. Тоа, секако, е чест и признание за авторите, иако, како што кажаа на дебатата со публиката, таа сè уште не е прикажана во Србија, а завршена е пред две години. Поради целата моментна состојба во Србија, Срдан Голубовиќ рече дека токму тој ден, 5 јули, кога се прикажуваше серијата, беа уапсени седуммина професори и студенти, и тој оваа проекција им ја посвети на уапсените, секако поддржувајќи го и тој и целата екипа студентскиот протест кој веќе со месеци се одржува во Србија.
„Апсолутни 100“, од една страна, е инспириран од филмот на Голубовиќ направен пред цели 25 години, заради тоа што истите проблеми, само уште позголемени, постојат и денес, но од друга страна, правејќи го во духот на времето и одразувајќи ги сите промени со кои се соочуваме, тоа сепак е еден сосем поинаков филм. Иако во суштина или да речеме базично, тука е приказната за семејството, односно за браќата во првиот филм, а овде за братот и сестрата, но во многу елементи, тоа е поинаков филм или како што пишува во каталогот, тоа е динамичен трилер со политички призвук, каков што и беше, но додавајќи овде многу состојби што во суштина раскажуваат и поинаква приказна.
Главната улога ја игра младата Анита Огњановиќ, јуниорска првенка во стрелање, која го носи целиот филм и која, дефинитивно, е фантастична. Овде фокусот на филмот се префрла на жената, што според Срдан Голубовиќ е сосема логично, со оглед на тоа што мажите околу неа се немоќни, па на Соња не и останува ништо, освен работите да ги земе во свои раце. Тука се провлекуваат и многу социјални прашања, многу општествени состојби, многу психолошки промени кои силно се одразуваат на ликовите, итн., итн., правејќи филм кој објективно ја одразува целата состојба, филм кој толку непогрешливо умее да проговори за целата иронија и апсурд во кој живееме, за целата неправда, за состојби кои често и не знаете кога ја доживуваат својата кулминација. Бидејќи, колку и да звучи патетично, тоа е реалноста, реалноста во која живееме, и која ги одредува и нашите постапки, но и квалитетот на животот, посебно на младите, ако воопшто го има.
Овде нема да откривам многу, бидејќи се надевам дека и нашата публика ќе има можност да го види филмот, а исто така се надевам дека конечно тој ќе биде прикажан и во Србија. А освен тоа, со Стојановиќ и Голубовиќ имаме интервју во кое многу подетално зборуваме за сите работи околу оваа минисерија.
Селектирањето на минисеријата на фестивалот беше далеку позначајно за нас (мислејќи на целиот регион), особено со оглед на тоа што до пред четири години на фестивалот имаше програма насловена „Источно од Запад“ која во фокусот ја имаше Југоисточна Европа, но сега фокусот е преместен на земјите од Централна Европа. Па, сепак, беше решено серијата во целост да биде прикажана, што предизвика голем интерес на фестивалот и за што очигледно беше направена отстапка, секако, првенствено заради нејзиниот квалитет. Да се надеваме дека така и ќе продолжи.


