понеделник, декември 23, 2024
домаЖивотСценаРамбо Амадеус во Скопје, билетите 800 денари, на влез 1.000!

Рамбо Амадеус во Скопје, билетите 800 денари, на влез 1.000!

Вечерва, 29 ноември со концерт пред својата навистина верна и стабилна скопска публика ќе се претстави Антоније Пушиќ, алијас Рамбо Амадеус, во скопскиот клуб „Станица 26“ од 22 часот. Во организација на новата агенција „Три Гонга“ Рамбо Амадеус е поканет со својот секстет да подготви сеанса која ќе ги „реанимира“ сите оние кои живнуваат кога одат на негови концерти. А тие се во Скопје за среќа, не се баш ретки. Или, како што денеска на прес конференцијата во „Пелистер“ самиот кажа – во Скопје бил 130 пати.

Рамбо успеа да се пошегува во свој стил, но и да даде „сериозни“ информации на поставените прашања. Во врска со датумот 29 ноември кој некогаш претставуваше државен празник во поранешна СФРЈ, на новинарското прашање како вечер ќе прослави, во свој стил рече дека пологично е да одбележуваме парастос на СФРЈ, а на парастос само се пие и се молчи.

Кога стануваше збор за оној посериозен дел, изјави дека во негови години некако не му било комотно да биде рокер, и за свој најголем дострел го чувствува тоа што го поканувале на џез фестивали, каков што на некој начин е и овој, организиран од „Три Гонга“, а да се биде „џезер“ во тие години баш му било пофино и поудобно. Одбегнувал настапи на фестивали на пиво, од оние кои до неодамна беа најголем тренд на овие простори.

Вечер ќе настапи со „Рамбо Амадеус & Five Winnetous“. „Фајв Винетус“ ги појасни, не како еден Винету, ами пет, секстет кој во своите редови ги има Саша Ранковиќ на тапани, Мирослав Товирац на бас, Војно Диздар на клавијатури, Александар Петковиќ на саксофон и Милош Николиќ на труба.

Збор- два на прес дружбата кажа и Александар Пејчиновски, еден од тројцата идејни творци на концертната агенција и продукција „3 Гонга“. Тој ни откри дека билетите на сајтот www.kupikartizase.com чинат по 800 денари, а на самиот влез ќе изнесуваат по 1.000 денари. За некој рокер кој на 29 ноември сака да си ја прослави и Нова година – пасент!

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ