На македонската забавна сцена оваа година се впиша и името на Рената Блажевска. Малку изненадувачко за сите кои те познаваат преку Тв екранот како новинарка и водителка. Како Ти самата го доживеа својот музички почеток?
-Јас многу ја сакам музиката, таа ми е во гените. Денот секогаш ми започнува со музика. Пеам од мала, овој пат ме поттикнаа нашите композитори и одлучив да настапам на „Охрид фест“ со преубава балада „Љубовен печат“.
Настапи на два фестивали, на „Охрид фест“, веднаш потоа и на „Златен кестен“ во Бугарија. Какви впечатоци носиш, што Те понесе најмногу од овие сцени?
-„Охрид фест“ е еден од најреномираните фестивали во нашата земја, што сметам дека е одличен избор за македонските музички имиња. Носам убави впечатоци и дружење од поп вечерта, а имав чест да ја отворам интернационалната вечер на која настапија гости од Балканот. Што се однесува до „Златен кестен“ во Република Бугарија, уште едно искуство на интернационалната сцена во културна интеракција со домаќините, музичките имиња и гостопримливата публика.
Досега од едната страна на микрофонот, отсега и од другата. Како Те прифатија пејачите како колешка, оние кои до пред некој месец ги интервјуираше како новинарка, порано на МТВ и МТМ, а сега на Тв Сител?
-За пеењето и новинарството сцената и камерата се заеднички момент. Со колегите пејачи се дружиме многу убаво, на почетокот беа малку изненадени и им беше драго. Ми даваат поддршка за музичкиот избор и настапи.
Каде е повозбудливо, во ТВ студио или на фестивалска сцена?
-Студиото претставува изразување на информацијата кон јавноста, додека на фестивалската сцена контактот е директен со публиката. Во тој момент се доживува емоцијата на нивните лица, таа е видлива од нивните реакции. Таквата релација е повозбудлива.
Имаш идеја да продолжиш со музичка кариера, активно, со снимање и фестивали?
-Пеам со задоволство, ќе има следни композиции кои внимателно ќе ги одберам да се допаднат на публиката. Фестивалите се одлично место за презентирање на песната. Со посветеност и љубов, доаѓа успехот.
Кој комплимент или забелешка најмногу ти ја исполни душата, во врска со твоите музички настапи?
-Публиката убаво ја прифати песната, а позитивните коментари од врвните композитори беше задоволство да ги слушнам. Исто така, ми значеше позитивниот став на пејачите за композицијата.
2018 завршува, верувам ти донесе доволно радости и изненадувања. Во која насока ја замислуваш следната година? Дали веќе ти се создадоа нови амбиции и желби?
-Желби има многу, но најважни се здравјето и љубовта. Амбициите се однесуваат на аспектите во приватноста и професионалното поле, кои со стремеж се надевам ќе се реализираат. Публиката може да очекува изненадување следната година.