петок, октомври 11, 2024
домаЖивотРЕОБЈАВА: Спектакл на маестро Завков - Натпревар меѓу аплаузите и клавишите на...

РЕОБЈАВА: Спектакл на маестро Завков – Натпревар меѓу аплаузите и клавишите на хармониката!

Во чест на ненадејно и прерано починатиот маестро Завков, го реобјавуваме текстот објавен по повод концертот со кој беа одбележани неговите 40 години музичка кариера во 2017 година.

Маестрото на хармониката, Милан Завков, со спектакуларен славенички концерт, синоќа ( 17 април 2017) во МОБ прослави 40 години музичка кариера.
Прекрасната вечер, која уште еднаш го истакна веселиот македонски музички дух, наликуваше на пролетен фестивал, на кој, покрај неколкуте, од мноштвото ора во авторство на Завков, на сцената беа изведени и негови евергрин и обнародени песни.
Силниот и препознатлив авторски печат на Завков, ја потврди неговата големина и мајсторска умешност и убавина.

Запеаја најелитните македонски фолк пејачи и пејачки, кажаа пригодни зборови за маестралниот Завков, кој цело време работи и твори од сенка, а Никола Костадиновски објасни дека и по толку децении за него сѐ уште останува енигма дали Завков е подобар како инструменталист, или како автор, или како Човек.

Низ музичкиот времеплов со Завков, нѐ прошетаа Виолета Томовска, Никола Костадиновски, Елена Георгиева, Благица Павловска, Анастасија Петреска, Милица Кузмановска, Анета Мицевска, Ленче и Горан Кукиќ, Ефто Пупиноски, Маротови, младите Ѓоко Јовиќ и Дамјан Стојановски, но и инструменталисти Ферус Мустафов и Демир Кантуровски, Тодор Завков и оркестарот „Зајди, зајди“.
Говорите и посветите беа сосема куси, настапувачите како да оставаа целосната магија да ја понесат песните “Камен да беше срцево“ (В. Томовска), „Јас сум Македонка“ (Е. Георгиева), „Уште те сакам“ (А. Петреска), „Што ќе ми е да се отрезнам“ (Е. Пупиноски), „Лична Јовано“ (Ѓ.Јовиќ), „Пат до Стамбол град“ (Б. Павловска) „Суводилица“ (Д.Стојаноски), „Животот е многу убав“ (Л. Г. Кукиќ), „Љубов е Љубов“(М.Кузмановска), „Гори во мене“ (А. Мицевска), „Сите сме гости на овој свет“ (В.Томовска)…

Со биографијата на најдобриот македонски хармоникаш, Завков, за кого уште и се вели дека е „хармоникаш со најнежни прсти на Балканот“ на почетокот на концертот нѐ запозна водителката Ирена Спировска, а на крајот во име на организаторот, директорот на познатото фолк „Роса Радио“ и „Роса продукција“, Милош Дејановиќ, му додели плакета.

Одушевената публика во полната сала на МОБ, како и неговите колеги Ристо Крапоски, Јове Кекеновски, Благојче Мицевски, цело време поддржуваа со аплаузи, кои беа одговор на звукот на клавишите од хармониката на маестрото.
„Нема друга Македонија“, песна своевремено испеана од Војо Стојаноски, на сцена, заедно со неговиот син Дамјан Стојаноски ја испеаја сите учесници, за крај на овој спектакл, за кој долго ќе се раскажува.

Валентина Ѓоргиевска Парго

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ