сабота, јули 27, 2024
домаЖивотСцена"САП БРАДЕРС", ДЕЧКИ КОИ ДОАЃААТ ВО МУЗИКАТА: Да ве направиме насмеани и...

“САП БРАДЕРС”, ДЕЧКИ КОИ ДОАЃААТ ВО МУЗИКАТА: Да ве направиме насмеани и среќни, сериозни сме по тоа прашање!

Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго
Подзинав и здивот на момент ми запре, кога ја слушнав песна хит на неделата на радио Буба Мара. Повеќе од деценија не бев слушнала некој да (сака да) пее со полна сила, да се внесе во тој свет на магичното и креативното.
Свежина и чудна полетност ме облеа, колку маестрално, веднаш изгуглав, уште песната течеше на радио брановите.
*Добредојдовте! Го слушнав вашиот хит на радио деновиве, малку ми прозвучивте како веќе слушнати вокали, од една исто така добра претходна изведба, но јас сепак не знам ништо повеќе. Ја сум Вале, драго ми е.
-Здраво Вале, ние сме Бранко и Влатко Сапламаеви (SAP Brotehrs).  Драго ни е и на нас. Нашите вокали за прв пат се слушаат во нашата песна Љубов си ти, која заедно со видеото од неодамна е во етер. Претходно можеби се имаат појавено како пратечки вокали во други музички состави, но ништо повеќе од тоа. Мило ни е ако е вака како што Вие велите.
 
*САП брадерс. Може малку поопширно?
– Ние сме дипломирани музичари и како браќа за прв пат се појавуваме во јавноста со зеднички проект. Одамна ни е желба да твориме и настапуваме заедно, па решивме да ја искористиме корона ситуацијава и да дадеме шанса на нашата идеа и музика.
 
*Песнате е гром. Ми требаа три преслушувања а да го фатам текстот, кој патем е доста штосен. Да не избрав на јутуб да не го погледнев спотот немаше да сфатам за што и кого се однесува таа љубов. За кучето. Кое е тоа кралче?
-Пред сѐ, Ви благодариме за убавиот коментар. Текстот и видеото се помагаат и се на некој начин поврзани. Најверојатно тоа е она што го прави штосен како што го нарековте. Решивме да ја опееме љубовта кон нашиот седум годишен златен ретривер Арон, бидејќи тоа се искрени чувства, а Тој го заслужува тоа. Сакавме што повеќе луѓе да го видат и дознаат за песната која е производ на чиста љубов.
 
*Кој ви го изработи спотот. Но пред тоа, ова што го пропагирате мислам е враќање кон природата, кон природниот начин на живот, кај нас сфатен како селски начин. Што му недостасува на тој начин на живот?
-Мислиме дека ништо не му недостига на тој природен начин на живот или селски ако еве некој сака така да го нарекува. Всушност, има многу предности и е дури бесплатно едукативен. Дури некаде во светот е и тренд. Можеби дури и светската елита го почитува и сака. И има и зашто. Луѓето таму се среќни и душевно  исполнети. Се пронаоѓаат себеси, уживаат во мирот, ги полнат батериите. Ние не гледаме ништо лошо во тоа.  Спотот го изработи Ѓорги Вацев, кој инаку е наш другар и пријател со кој заедно пораснавме и се изградувавме. Тој е третиот член на SAP Brothers, но не и помалку важен.
*Порака испраќа спотот, и песната. Тој е ваша индивидуална заложба или порака како дел од некоја поширока поглобална стратегија?
-Па вака, општо е познато дека на светот му е потребна човечката помош. Човек краси, човек гнаси (како што ние сакаме да си се нашалиме). Секако ова беше индивидуална заложба, но нема да се налутиме ако некој сака да си го перцепира како дел од глобална стратегија. Сакаме да шириме позитивни вибрации.
*Да се навратам на песната. Навистина многу е елегантна. Италијанска би рекле, по стереотип дека тие се најелегантни во уметноста. Од каде кај вас така избрусан сенс?
-Уф, нѐ доведовте до степен на одговорност, но сепак Ви благодариме. Сенсот и звуковниот профил ни е резултат на константното слушање на убава,  за нас квалитетна музика, како и многуте соработки и настапи со нашите колеги музичари во и надвор од нашата земја. Имаме и доста другари кои се радуваат да споделат ново парче музика со нас, а и ние самите сакаме да ја слушаме па и да пронаоѓаме нова музика. 
 *Не пеете за обични и веќе испеани стихови. Некој нов пристап во забавната сцена. Ми се допаѓа.
-Сакавме да бидеме различни. Никогаш доста од различността. Тоа секогаш е доволно за почеток на константност. А и мислиме дека публиката сака неконвенционалност и искреност. Не размислуваме за тоа дали ќе успее или не.
*Вие знаете дека ова е глума. На вашата фан страна сте напишале дека вие нудите музика и хумор. Јас искрено не пронаоѓам ништо хумор, напротив вие сте искулирани ама секој сегмент е испланиран и изведен најсериозно.
-Мислиме дека е возможно некој или нешто да е сериозно и хумуристично истовремено. Ние велиме за нашиот проект дека е проект на сериозно несериозна музика. Добро е што има поделени мислења во однос на ова прашање, можеби значи дека сме на прав пат. Времето ќе покаже, а дотогаш испланирано сериозни ќе останеме искулирани.
*Се плашите ли по малку од сопствените провокации? Има публика што ќе ја “укапира” вашата концепциска поента, но има и поинаква публика?
-Свесни сме за тоа и тоа е нормално. И ние сме дел од некоја публика. Не се плашиме од никакви провокации бидејќи тоа би значело дека никој не треба да мисли различно од нас. Реално е да има секаква публика.
*Што е со рокенролот денеска?
-Хаха.  Не знам. И ние сме рокенрол деца и сме ја свиреле таа музика по клубови и дискотеки. Како и природата на сѐ друго, таа еволуира. Не сме одговорни за нејзиниот пат.  Хаха
*Колку сте толерантни кон лоша музика? Кон насила “напумпани” исфорсирани бендови?
-Секој има право на вкус. Ние имаме сопствено мислење што не значи дека е релевантно или правилно и вистинско. Повеќе сакаме да зборуваме за општо прифатена квалитетна музика, а ја има доста. 
*Се плашите ли од корона ситуацијава. Од вакцината.
-Досега се покажа дека не е за потценување оваа ситуација бидејќи повеќе гранки сериозно го почувствуваа овој удар. Се гледаат и последиците. Се трудиме да ги почитуваме мерките онаму кај што се бара и сме претпазливи до одредена мера. Го искористивме времето да се сконцентрираме на нашата музика, а се радуваме дека и многу други наши колеги го направија тоа. Вакцината… хмм… Звучи надежно… 
*А се плашите ли што на македонските музички манифестации, речиси херметички затворени, има место за само една шема изведувачи и нивни настапи и концерти? Добро е што ова сте го сфатиле како хумор, зашто може и да следи разочарување, како кај многу таленти пред вас. Ама од “хумор” велат не се живее.
-SAP Brothers како тим, интерно има одлучено уште од почетокот  дека без разлика на исходот и реакциите од првата песна, ќе продолжи да работи и да го вози својот филм до крај. Немаме амбиции да бидеме дел од манифестации во форма на фестивали кои афирмираат нови имиња и слично, па така од старт не страхуваме од ништо. Би настапувале како само гости доколку некој тоа го побара од нас и тоа со задоволство. Не сме запознаени со затворени шеми на сцената, односно барем не засега. Не знаеме што ќе се случува во иднина. Инаку, секако дека се живее од хумор, доволно е да сте насмеани и среќни. Сериозни сме по тоа прашање.
*Ја спонзориравте ли својата песна или сама стигна до над 100.000 прегеди?
-Дај боже да стигне до 100.000 прегледи. Сега засега сме можеби близу 20К. Немаме спонзорирано за песната. Веруваме дека сама си го наоѓа патот. Нека има љубов и музика.
*Имам уште прашања, да не заборавиме ова интервју е правено “потамина” , и ковид 19 не спречи во живо да се запознаеме и поразговараме, ова е варијанта “бе”.. Имате ли вие можеби прашања кон мене?
-Ви благодариме за прекрасните прашања. Се надеваме дека повеќе новинари и луѓе како Вас ќе нѐ поддржат. До следна прилика.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ