сабота, јули 27, 2024
домаЖивотЗдравјеСексуални нарушувања кај жената - љубов без задоволство

Сексуални нарушувања кај жената – љубов без задоволство

Жените кои заболеле од некоја болест, како на пример рак на дојка или рак на гениталиите, честопати се соочуваат и со проблеми во сексот. Основната болест кај нив е причина за силен стрес пред се од помислата дека може да и биде загрозен животот на жената. Во тој период преовладува чувството на страв, слабост без никакви сексуални потреби. По пребродувањето на основната болест, сексуалните проблеми и натаму може да останат присутни.

Како сексуално нарушување кај жената се означува секој проблем кој постојано влијае врз нејзината способност да доживее сексуално задоволство. За да се означи како нарушување, симптомите мора да бидат постојано присутни, комплетни и да ја прават жената вознемирена или незадоволна. Оваа опширна дефиниција во себе опфаќа потешкотии во сексуалната желба, сексуалното возбудување, оргазмот и сексуалното опуштање- резолуција. Сексуалното нарушување кај жената опфаќа пореметувања во една или повеќе фази од циклусот на сексуалниот одговор, како и појава на болка за време на сексуалното возбудување или самиот полов однос. Сексуалното нарушување може да се појави рано во животот на жената, но може да се развие и покасно кај жена која претходно уживала во сексот без никакви потешкотии. Причините за сексуално пореметување можат да бидат од органска природа, психички оли обете истовремено. Секоја жена поседува индивидуални сексуални интереси, сексуални реакции и начини на сексуално изразување (сексуална експресија) кои кај нејзе можат да се менуваат како таа влегува во различни фази од животот како и со промена на околностите во средината во која живее.
Нормалниот сексуален одговор кај жената се одвива во четири фази:
• Сексуална возбуда. Во оваа фаза доаѓа до надразнување на нервите и до зголемување на протокот на крв во гениталната регија на телото. Вагината се навлажнува (станува подмачакана) и настануваат промени во вагиналните усни и клиторисот.
• Плато. Настануваат додатни промени во телото со наголемување на тензијата во гениталиите. Вагината станува екстремно навлажнета и настапува ширење на вагиналните ѕидови во горните две третини на вагината.
• Оргазам. Оргазмот го сочинуваат серија мускулни контракции во гениталниот предел, матката и вагиналните ѕидови, кои потоа се проследени со нагло силно опуштање на целата мускулна напнатост.
• Резолуција. Продолженото ослободување од мускулната тензија (напнатост) преминува во резолуција, која е всушност последната фаза на пријатното исчезнување на мускулната тензија.
Како дополнение кон четирите фази опишани од научниците, нормалниот сексуален одговор кај жената е под силно влијание на нејзината биолошка и психолошка состојба, социолошко културелните влијанија и односите со останатите во средината. Третманот на сексуалното нарушување кај жената има поголеми шанси за успех доколку се земат во предвид сите овие компоненти, отколку да се има поединечен пристап кон проблемот.
Во повеќе случаи, сексуалното нарушување кај жената може да биде поделено на четири групи и тоа:
• Нарушување на сексуалната желба. Тука спаѓа недостиг на желба за секс, кое понекогаш се означува како намалено либидо.
• Нарушување во сексуалното возбудување. Кога жената е сексуално возбудена, настануваат одредени физички промени на нејзиното тело како ерекција (стврднување) на брадавиците од дојките, навлажнување на вагината, опуштање на вагиналните мускули и набабрување на вагиналните усни (кожните набори на почетниот дел на вагината- вулвата) и клиторисот (малиот сензитивен орган непосредно над вагината). Нарушувања можат да се јават кај било кој од овие механизми на сексуална надразнетост.
• Оргазмични нарушувања. Отсуство на оргазам како врв на сексуалниот одговор во вид на мускулни контракции на вагината и матката проследено со чувство на задоволство.
• Болка за време на сексуалниот однос. Болниот сексуален однос (диспареунија) може да биде во вид на болка во вагината, клиторисот или вагиналните усни. Болката може да се јави при сексуалното надразнување, вагиналните контракции или при пенетрацијата (навлегување на пенисот во вагината). Иако постојат многу можни причини за диспареунија, една од најчестите видови болка при сексуалниот однос е т.н вулводинија, што всушност претставува болно печење, бодење и јадеж во надворешниот почетен дел на вагината наречен вулва. Вагинизмус е друг проблем кој настанува кога вагиналните мускули на надворешниот отвор на вагината ќе се стегнат силно како резултат на сексуалното надразнување. Ова ја отежнува пенетрацијата и ја прави истата многу болна. Ваквата состојба понекогаш многу тешко се третира.

Хронични состојби
Сексуално нарушување кај жената може исто така да биде разултат на одредени хронични состојби, како што е тешка ендометриоза или некоја сериозна болест која физички го менува женското тело и појава, како што е рак на дојката или рак на гениталните органи. За многу жени, дојките се дел од сопствената претстава за сексуалност и женственост, па губитокот на дојката или промената во нејзината форма и големина, како што е случај при мастектомија поради рак, може да биде причина за долготрајни психолошки и сексуални проблеми.
Други причини за сексуално нарушување кај жената можат да бидат, неухранетост, земање одредени лекови и психички стресови како на пример поранешна физичка или сексуална злоупотреба.

sex1

Типови на сексуални пореметувања кај жената и разлики меѓу нив
Постојат неколку различни типови на сексуални нарушувања кај жените. Меѓу нив следните 5 се најчести:
• Намалена желба за секс. Пилулите за контрацепција (анти беби пилули), антидепресивни лекови, транкилизери и некои други можат да ја намалат желбата за секс.
• Болка при сексуален однос (диспареунија). Некои жени кои се приближуваат кон менопауза се соочуваат со појава на намалено навлажнување и подмачкување на вагината за време на полов однос. Употреба на хормонска заместителна терапија или вагинални креми кои во себе содржат естроген може да ги олесни ваквите тегоби. Од причина што земањето на некои од овие лекови е понекогаш поврзано со појава на сериозни несакани ефекти, може да се проба со други алтернативни средства. Така на пример, многу жени се задоволни од користење на одредени лубрикантни средства (средства за подмачкување) кои се продаваат во аптеките без рецепт од лекар.
• Отсуство на оргазам (аноргазмија). Понекогаш се означува како оргазмично нарушување кај жената а се карактеризира со упорно одложување или отсуство на оргазам при сексуалните односи. Може да биде предизвикано било поради физички или поради психолошки фактори. Меѓу најчестите причини поради кои жената не може да доживее оргазам спаѓаат тежок стрес или анксиозност (нервоза, вознемиреност), депресија или различни болни состојби (на пример уринарна инконтиненција- неконтролирано мокрење). Одредени лекови како антидепресивни лекови, антипсихотични или лекови за покачен крвен притисок, можат исто така да доведат до отсуство на оргазам. Отсуството на оргазам кое настанува без одредена физичка или психичка причина (на пример поради невешт и нетрпелив сексуален партнер) не се смета за сексуално нарушување кај жената.
• Вагинизмус. Се карактеризира со упорни и повторливи спазми (стегање) на надворешната третина на вагината и на тој начин ја прави пенетрацијата (навлегувањето на машкиот полов орган во вагината) многу болна.
• Хипоактивна сексуална желба. Се карактеризира со постојан недостаток на сексуална фантазија и сексуални желби и иницијатива во сексот.

sex2

Потенцијални причини за сексуално нарушување кај жените
Постојат многу потенцијални причини за сексуално нарушување кај жените, но сепак, повеќето од нив можат да бидат поделени на физички (органски), психолошки и понекогаш комбинација на обете.
Во физичките причини обично спаѓаат одредено заболување кое меѓу другото влијае и на сексуалната активност на жената. Такви се на пример, шеќерната болест, срцевите заболувања, ендометриозата и артритсите (воспаленија на зглобовите). Несаканите ефекти на одредени лекови кои жената ги зема заради третман на одредена болест исто така можат да бидат причина за сексуално нарушување. Тука спаѓаат:
• Атихистаминици (лекови за алергија) како лоратадине, цетиризине, дифенхидрамине
• Орални контрацептиви (пилули против забременување)
• Хормонални препарати
• Антихипертензиви (лекови за висок крвен притисок)
• Лекови за срцеви заболувања
• Гонадотропин рилизинг хормон агонисти (ГнРХ агонисти)
• Цитостатици
• Лекови за психички нарушувања, како:
о Антидепресиви (на пример пароџетине, сертралине, амѕтриптилине)
о Антипсхотици (лекови за шизофренија)
о Стабилизатори на расположението (на пример литиум)
о Лекови за анорексија невроза
• Наркотици (препишани од лекар или користени нелегално)
Психолошки причини можат да се манифестираат како анксиозност или стравови кои предизвикуваат потешкотии во еден или повеќе сегменти на сексуалната интимност на жената. Меѓу најчестите причини од тој тип спаѓаат:
• Анксиозност, премореност и стрес од работното место или во домашниот живот
• Загриженост за тоа како ќе му се претсави на својот сексуален партнер за време на односот.
• Депресивност
• Сексуална траума во минатото (на пример силување, инцест)
• Неопределена сексуална ориентација (двоумење меѓу хомо и хетеросексуалност)
Психолошките фактори можат исто така да имаат многу силен ефект врз сексуалната функција кај жени кои преживеале гинеколошки рак. Стравот од повторување на ракот, изменетата претстава за сопствената женственост и сексуалност како и последиците од третманот можат да влијаат врз дневните активности, кариерата и односите со партнерот.
Знаци и симптоми на сексуално нарушување:
Најчести тегоби при сексуалното нарушување на жената се:
• Сексуалниот однос не е можен поради силниот грч на вагиналните мускули кои не дозволуваат пенетрација
• Недоволна навлажнетост и подмачканост на вагината пред и за време на сексуаалниот однос
• Неспособност да се доживее оргазам
• Бока на вулвата ( надворешните гениталии на жената составени од кожните набори-вагинални усни, клиторисот и вагиналниот отвор) при допир или за време на пенетрација

Дијагноза и лекување на сексуалните нарушувања кај жената
Лекарите, особено гинеколозите, се соодветно обучени во дијагностицирање и лекување на сексуалните пореметувања кај жените. Сепак, не секој сексуален проблем претставува пореметување чија причина треба да се бара кај жената. Не соодветната стимулација од страна на партнерот, на пример, не може да се смета за сексуално нарушување на жената.
При дијагностицирање на сексуалното нарушување кај жената, лекарот се раководи пред се според симптомите, тегобите кои жената ги чувствува. Секако, драгоцени се и податоците од медицинската и сексуалната историја како и резултатите од лекарскиот и особено гинеколошкиот преглед на жената.
Иако да се разговара за интимните односи претставува потешкотија за повеќето жени, сепак за да се открие вистинската причина за проблемот и да се примени вистинскиот третман за истиот неопходна е потполно отворена комуникација меѓу жената и лекарот. Сексуалната функција претставува важен дел од животот на секоја жена. Секоја жена треба да знае дека сексуалните нарушувања можат успешно да се лекуваат. Можеби најважниот чекор во третманот на сексуалното нарушување е одржување на отворена комуникација помеѓу жената и нејзиниот партнер.
Постојат неколку главни методи при лекувањето на сексуалните нарушувања кај жените:
• Соодветно медицинско лекување на евентуална друга болест присутна кај жената (на пример шеќерна болест). Доколку причината за сексуално нарушување е постоење на некоја друга болест, тогаш ефикасното лекување на таа болест ќе го реши и сексуалниот.
• Едукација на жената и нејзиниот партнер. Соодветниот разговор со обата партнера при кој ќе се произнесат соодветни информации за телото, сексуалните знаци и рецептори, промените во сексуалноста за време и по бременоста како и за време на менопауза може да има силен ефект при режавањето на сексуалните проблеми.
• Терапија од страна на обучен психолог (психотерапија, советување).
• Во високоразвиените земји постојат стручни лица ( секс терапевти или советници) кои се специјално остручени во решавање на сексуалните проблеми кај луѓето.
Понекогаш за третман на сексуално нарушување кај жената, лекарот може да препише тестостерон, кој претставува машки хормон. Во повеќето случаи со тоа ќе се зголеми сексуалната желба, но ваквата терапија има несакани ефекти кои за жената се неприфатливи, како на пример појава на влакнетост по лицето, покачување на телесната тежина и појава на акни.
Жените кои заболеле од некоја болест, како на пример рак на дојка или рак на гениталиите, честопати се соочуваат и со проблеми во сексот. Основната болест кај нив е причина за силен стрес пред се од помислата дека може да и биде загрозен животот на жената. Во тој период преовладува чувството на страв, слабост без никакви сексуални потреби. По пребродувањето на основната болест, сексуалните проблеми и натаму може да останат присутни. За да се воспостави нормален сексуален живот кај жената исто како пред воопшто да настапи болеста се препорачуваат следните совети:
• Потребно е трпение за да се воспостави нормален сексуален однос.
• Отворена комуникација помеѓу партнерите.
• Постојат различни препарати во вид на гелови и креми за подмачкување (таканаречени лубрикантни средства) кои можат да се земат од аптеките без рецепт, а покажуваат добри ефекти кај жените со болка за време на сексуален однос (диспареунија).
• Да се одбираат лекови со помалку несакани ефекти. Многу лекови кои често се препишуваат за одредени заболувања можат да имаат несакани ефекти во вид на сексуални нарушувања.
• Стекнете здрави навики во животот. Ова значи да прекинете со пушење цигари, да го намалите конзумирањето алкохол, редовно да вежбате и доволно да се одмарате и опуштате.
• Зајакнување на карличните мускули. Вежбите за мускулите на меѓичката (подот на карлицата, мускулите кои ја опкружуваат вагината) можат да помогнат при некои нарушувања на сексуалното надразнување и при не можноста да се доживее оргазам. Најчесто се препорачуваат таканаречени Кегелови вежби кои во основа претставуваат едноставни вежби на стегање и отпуштање на мускулите околу вагината и анусот, а со кои се зајакнуваат мускулите на карличниот под и се зголемува задоволството при сексуален оргазам.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ