Египет не беше на врвот на мојата листа за патувања, но првото патување се случи во деември 2022 година, а плановите се повторно пак да појдам во топлиот Дахаб. Последниве неколку години, Египет и Хургада се дел од бројни понуди на туристички агенции, но пред да тргнете на пат предлагам да прочитате за државата, навиките, времето…
Арапската Република Египет е држава во североисточниот дел на Африка. Дел од територијата, Синајскиот полуостров, се наоѓа во Азија. Првото нешто што на сите им паѓа на ум кога ќе се спомне Египет се пирамидите и реката Нил.
Доколку можете да бирате – изберете ја нашата зима! За летно патување потребно е да планирате најмалку два месеца однапред. Понудата на агенциите за летување во Египет е разновидна, а поголемиот дел од летовите се од Белград, од Скопје има чартери, но ако одлучите да патувате на своја рака, тогаш барајте лет од Белград.
За државјаните на Северна Македонија, потребна е виза за влез во Египет. Истата може да се добие на влез во Египет и чини 40 евра.
Немојте да се изненадите кога пред пасошката контрола ќе добиете розев лист за пополнување. Потребно е да го пополните и да го предадете заедно со пасошот. Ќе внесете свои податоци, колку долго ќе престојувате во Египет и во кој хотел ќе бидете сместени. Ова е сосема стандардна постапка. Истото ќе го добиете и при враќање, кога ќе се чекирате.
Една од основните работи и првата што ја правам при патување во земји со ограничен WIFI е купување на СИМ картичка. Во Египет, поголемиот дел од хотелите имаат WIFI во лобито, кој е прилично ограничен и моја препорака е да купите СИМ картичка од некој од локалните мобилни оператори (Vodafone, MobiNil, Etisalat). Купувањето може да го направите веднаш на аеродромот, на шалтерите на операторите. Во последниот период, поради големиот број туристи, количината на достапни СИМ картички е малку намалена, па не се изненадувајте ако ви побараат пасош за увид. Цената на картичката е околу 4 евра па нагоре, во зависност од тоа колку интернет пакет сакате. Исто така, GB може редовно да се дополнат.
Валутата е египетска фунта. Сепак, сè можете да плаќате во евра или долари. Бидејќи за Египќаните 1€ = 1$, подобра опција е да имате долари.
Морам да признаам дека по многуте прашања од пријатели „Дали е безбедно таму?“ и „Зошто воопшто патуваш во Египет?“, и самата си ги поставував истите прашања. Но моите предрасуди исчезнаа уште при првото слетување на аеродромот во Шарм Ел Шеик. Навистина, за време на престојот во Египет се чувствував повеќе од безбедно.
Ако можете, изберете хотели кои се блиску до центарот на градот. Но, и ако сте оддалечени неколку километри повеќе, користете такси – можете да го резервирате од хотелот. Малку е поскапо отколку ако го сопрете на улица. На пример, ако го застанете, возењето чини од 1 до 2 €/$, а преку хотелот е околу 4 €/$. Сообраќајот е хаотичен и изгледа страшно – клаксоните ги користат како знак дека ќе сменат лента и слично (лентите не се обележани), но тоа е нивниот начин на возење. Пресекувањето улица е вистинска авантура, обрнете големо внимание.
Вашиот престој во Египет е непотполн ако не го посетите главниот град Каиро, па и Луксор, ако не се одлучите за истражување на подводниот свет на Црвеното Море и една авантуристичка тура како сафари во Сахарата. Сите екскурзии и обиколки можете да ги договорите и со локални агенции. Сите поаѓања на агенциите се секој ден во исто време, водичите зборуваат англиски, германски и француски јазик. Понудата е иста, само што можете да добиете подобра цена кај локалните агенции!
Во Египет се јаде разновидна храна, а и вегетаријанците ќе најдат многу избор. Традиционалните јадења се фалафел (пржени топчиња од мешунки), фул (пире од мешунки со лук, лимон и маслиново масло) и кошари (мешавина од тестенини, леќа, ориз, наут и сос од домати). Доколку не сте личност што експериментира со храна, во хотелите ќе најдете „стандардни“ видови оброци.
Египет е мал рај за истражување, полн со историја, долги брегови со прекрасни плажи, а морето е навистина „море со седум бои“!
Н.Доковска








