Турција нуди живописни дестинации и совршено патничко искуство. Широката понуда на туристички атракции е секако привлечна поради бројните погодности што ги нудат, но со неколку совети вашето искуство ќе биде уште подобро. Ви ги донесуваме основните совети за патување во Турција за да го направите вашето патување незаборавна авантура, без никакви маки.
Набавете Museum Pass
Најдобриот начин да го истражите културно-историското богатство и наследство на Турција е да ги посетите нејзините извонредни музеи. Museum Pass е исплатлива музејска пропусница која овозможува пристап во повеќе од 350 музеи и археолошки локалитети низ целата земја. Ова е најлесниот начин да ја истражите нејзината историја без купување поединечни билети за секоја локација и чекање во редици. Пропусницата се активира со вашето прво влегување во музеј или на историска локација, и е достапна во различни варијанти, а цената зависи од регионот и времетраењето. Може да се купи онлајн или на билетарниците во музеите, и може да се искористи еднаш по музеј.

Патувајте со воз
Во Турција се достапни многу меѓународни и локални rent-a-car компании, кои нудат флексибилност за оние што сакаат да истражуваат со сопствено темпо. Сепак, патувањето низ земјата со воз е најавтентично и најпријатно искуство. Железничката мрежа во Турција ги поврзува сите региони со брзи возови и носталгични рути и ветува патувања исполнети со природни пејзажи, историја и култура. Особено се истакнуваат носталгичните железнички тури како култниот „Eastern Express“, најновиот „Mesopotamian Express“ и живописниот „Diyarbakir Express“, кои магазинот Time ги вклучи на листата на „Најголеми светски места во 2024 година“. Самото патување е исто толку фасцинантно колку и дестинацијата.

Паметно пазарување
Може да го доживеете традиционалното шопинг-искуство со посета на историските чаршии, како што се Големиот базар во Истанбул и Базарот на зачини, или пак да истражувате помодерна атмосфера во трговските центри низ целата земја. Имајте предвид дека вашето купување во Турција може да биде ослободено од данок. Може да добиете поврат на ДДВ за купувања над 108 турски лири (TRY) за производи со ДДВ над 8%, и над 118 TRY за производи со ДДВ над 18%. За повеќе информации, посетете ја веб-страницата GoTurkiye.

Користете јавен превоз
Современите транспортни услуги се меѓу првите погодности што ги нуди Турција. Пристигнувањето до аеродромите е лесно благодарение на директните летови од целиот свет. По пристигнувањето, такси или шатл автобуси се достапни на сите аеродроми во земјата и овозможуваат лесен пристап до турските градови. Јавниот превоз е уште една предност, нудејќи разни опции кои одговараат на потребите на секој патник: пространи метро-системи во метрополите, сигурни автобуси, трамваи, траекти и железници, кои го прават снаоѓањето во урбаните подрачја многу едноставно. Доволно е да набавите картичка за јавен превоз (Istanbulkart) која важи за речиси сите возила. Потоа, со помош на апликации со мапи на вашиот мобилен телефон, лесно ќе дознаете каде треба да излезете од автобус, трамвај или метро – во зависност од вашата дестинација.

Јадете како локалец
Без оглед каде ќе одите во Турција, нејзината кујна има многу да понуди – од локални јадења до улична храна. Освен класичните јадења како светски познатиот кебаб и донер, задолжително е да ја истражите регионалната кујна. Во секој регион ќе пробате уникатни специјалитети, што ќе ви овозможи вистински да ја доживеете кулинарската традиција на Турција.
Првото што треба да го пробате е типичниот турски појадок, кој е различен од кој било друг. Тоа е богата трпеза што често вклучува свеж леб, сирења, маслинки, домати, краставици, јајца, мед и мармалад, придружени со неизбежниот турски чај.
Потоа, пробајте ја најдобрата локална храна во локалните ресторани (esnaf lokantası), каде што може да изберете од шведска маса и да платите фиксна цена за секоја чинија. „Локанте“ и другите ресторани најчесто работат и до доцните вечерни часови низ целата земја.

Уживајте во топлото гостопримство
Една од најистакнатите особини на турската култура е топлото гостопримство. Турците ќе ве пречекаат на пријателски начин. Ако ви е потребна каква било помош, слободно прашајте. Не е невообичаено локалците да направат сè што можат за да им помогнат на туристите – било со упатства, било со информации за јавниот превоз. Дури и ќе ви понудат чај додека водат искрен разговор со вас.
Исто така, ќе сретнете многу луѓе кои зборуваат англиски јазик, особено на туристичките места, бидејќи тоа е најчесто користениот странски јазик во земјата.
Ф. Спировски

