домаЖивотТуризамТехнологиите што ќе го трансформираат туризмот до 2040 година

Технологиите што ќе го трансформираат туризмот до 2040 година

На глобалниот TOURISE Summit, најзначајната меѓународна платформа за иновации во туризмот, поддржана од Министерството за туризам на Саудиска Арабија, лидерите од владите, бизнисите, авијацијата, технологијата и финансискиот сектор се собраа за да ги дефинираат решенијата што ќе го обликуваат туризмот на иднината. На самитот во Ријад беа претставени десет технологии за кои се очекува дека ќе го променат туризмот до 2040 година, редефинирајќи го начинот на патување, функционирањето на хотелите и начинот на кој туристите ја доживуваат дестинацијата.

Експертите се согласни дека иновациите ќе донесат поефикасни, поодржливи и значително поперсонализирани патувања. Вештачката интелигенција, биометријата, виртуелните реалности и напредните транспортни технологии ќе станат клучна инфраструктура на глобалните патувања, додека хотелиерството ќе се трансформира во интелигентен, еколошки чувствителен и кориснички ориентиран систем.

Една од првите технологии што ќе се вгради во секојдневните патувања се AI асистентите. До 2031 година, вештачката интелигенција ќе може самостојно да планира и резервира патувања, при што ќе создава хиперперсонализирани рути според индивидуалните желби, расположение и навики на корисникот. Патувањата ќе станат попаметни, побрзи и потполно оптимизирани во реално време.

Само една година подоцна, биометриските системи ќе овозможат користење лице наместо пасош. Леталишта, хотели и гранични премини ќе станат беспрекорно проодни, а стресот околу документите ќе стане минато. Сепак, оваа технологија отвора и важни етички и безбедносни прашања околу заштитата на личните податоци.

До 2033 година, криптовалутите ќе го интегрираат туризмот во дигиталната економија. Патниците ќе плаќаат без конверзии и без банки, додека хотелите ќе развиваат токенизирани програми за лојалност и нови модели на управување со приходите.

Во 2034 година, патниците ќе разговараат без граници. Паметни слушалки и AR очила ќе овозможат моментален превод на главните светски јазици, со што се создава потранспарентна и инклузивна комуникација меѓу културите.

Од 2035 година, воведувањето на „лични карбонски буџети“ ќе стане нова реалност. Дигиталните пасоши ќе го следат индивидуалниот јаглероден отпечаток, ограничувајќи одредени форми на патување. Туристичките дестинации ќе треба да обезбедат навистина вредни и одржливи искуства за да го оправдаат својот климатски импакт.

Година подоцна, виртуелните и проширените реалности ќе станат масовно присутни. Фотореалистички светови ќе овозможат луѓето да „патуваат“ и без физички да се движат, а истовремено ќе им помагаат подобро да ги планираат вистинските патувања. Хотелите ќе комбинираат физички престој со виртуелни доживувања што ќе ја збогатат секоја посета.

До 2037 година, градовите ќе имаат свои дигитални двојници – целосни виртуелни копии што ќе им дозволат на патниците детално да ги истражат улиците, културните зони и јавните простори пред да резервираат. Туристичките организации пак ќе ги користат овие модели за управување со гужвите и одржување на квалитетен урбан живот.

Електричните патнички дронови ќе станат дел од секојдневието околу 2038 година, овозможувајќи кратки воздушни трансфери и панорамски летови до дестинации што порано биле тешко достапни. Безбедноста и интеграцијата на овие летала ќе станат нови предизвици за туризмот и урбаната мобилност.

Една година подоцна, до 2039 година, повторно се враќаат суперавионите. Брзината на патување од 3 до 4 часа до која било точка во светот ќе предизвика промена во луксузниот и деловниот туризам, со раст на ултра-кратките престои и сосема нови хотелски концепти.

На крајот, во 2040 година, одржливата авијација станува клучен фактор во туристичката индустрија. Водородните и електричните авиони ќе го заменат керозинот, решавајќи го најголемиот еколошки предизвик на масовниот туризам: како да се патува без да се уништува планетата. Ова ќе овозможи нова генерација на одговорни и достапни патувања.

Иако иднината на туризмот е силно поврзана со технологијата, експертите нагласуваат дека централниот фокус останува човекот. Успешните туристички актери ќе бидат оние кои ги разбираат длабоките човечки потреби и етичките последици од технолошките промени. Технологијата нема да ја дефинира индустријата сама по себе – туку начинот на кој таа ќе го унапреди човечкото искуство, ќе создаде смислени поврзувања и ќе го осигура туризмот како одржлива сила во светот.

Ф.Спировски

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ