четврток, мај 30, 2024
домаЖивотВо Дебармаало: Закроена лозница и испратена светска порака за мир!

Во Дебармаало: Закроена лозница и испратена светска порака за мир!

Со закројување на лозница, во близина на зборното место „Кај Жабарот“, денеска почнаа 14-тите Дебармаалски средби по повод Свети Трифун, денот кога се закројуваат лозите, и по повод Свети Валентин, Меѓународниот ден на вљубените. Македонското здружение за култура, обичаи и традиции “Гороцвет”, со уникатна програма, ја одржа својата традиционална манифестација.
Најпрво, со здравица со вино „Кај Жабарот“, а потоа со закројување на гранче, предводникот на манифестацијата Живко Поповски Цветин, го означи почетокот.
Во водите на Вардар беше испратена порака за мир, преку шише во кое се налеа македонско вино, се стави гранче од закроената лознаица и рачно напишаната порака за мир од присутните.
Поетско-музички перформанс следуваше во кафеаната “Кај Жабарот”, каде беа доделени и благодарници на некои здруженија и на гостите, Бобан Јовановиќ, Амбасадор на добра волја на ОН и српски конзул во Малта, и младите гости- хуманисти од Малезија.
Приквечерта, со песна и музика се кешеше погача кај фурната “Силбо”, и се наздрави со вино. Од под балкон на ул.”Костурски херои” учесниците на настанот беа полиени со вода, цвеќиња и парички, за среќа. Се продолжи во кафеаната ”Антица” , се наздравуваше по улица, а потоа на кафе во “Идадија III”, а во “Скопски мерак” се одржа „Беседа за виното“ со песна и музика. Свеченоста заврши во слаткарницата ”Апче“, каде учесниците се засладија со специјално подготвена торта.
На оваа средбата учество зедоа хорско-музичката група “Серенада” и Ансамблот на народни песни “Вања Лазарова”, Вики Среброва, Ристо Краповски, Нацка Славковска, Здружение на жени со визија “Лоза”, Здружение „Хуман свет“ , актерот Мите Грозданов, како и поетите и поетесите Лидија Јеремиќ-Лучко, Драгица Пандиловска, Анита Бошкова, Благица Филипчева, Горан Анчевски, Стојан Арсиќ, Ванѓа Штерјова, Тања Стоилковска, Љерка Тот-Наумова, Моника Стојанова, Илко Димитриески, Валентина Ѓоргиевска – Парго, Ратко Спасовски и др.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ