домаЖивотТуризамВо Египет откриен потонат древен град стар повеќе од 2.000 години

Во Египет откриен потонат древен град стар повеќе од 2.000 години

Египетските власти објавија сензационално археолошко откритие – делови од потонат древен град стар над 2.000 години, кој се наоѓа во близина на бреговите на Александрија, во заливот Абу Кир.

Археолозите пронашле добро сочувани згради, пристаниште и бројни артефакти, кои сведочат за богатата историја на овој дел од Египет. Според првичните анализи, градот можеби бил продолжение на античкиот Канопус, значаен урбан центар во времето на Птоломејската династија, која владеела речиси три века, како и за време на Римската империја, која управувала со Египет околу 600 години.

Историските записи и геолошките истражувања укажуваат дека со текот на времето градот потонал поради серија земјотреси и пораст на нивото на морето. Денес, подводните кранови внимателно извлекуваат скулптури и предмети од морските длабочини. Меѓу нив има статуа на Рамзес II, еден од најпознатите египетски фараони, како и повеќе сфинги и кралски претстави.

Покрај монументалните скулптури, археолозите откриле и трговски брод, камени сидра, како и масивен док долг 125 метри, кој бил користен дури и во времето на Византија. Овие наоди потврдуваат дека градот бил важен трговски и културен центар со големо значење за античкиот Египет.

Министерот за туризам на Египет, Шериф Фати, изјави дека „под водата се наоѓа огромно богатство, но на површината може да се изнесе само ограничен дел“. Според него, големиот дел од ова наследство засекогаш ќе остане во морските длабочини како дел од „нашата потоната историја“.

 Ова откритие уште еднаш го потврдува Египет како едно од најважните археолошки богатства во светот, каде што историјата не престанува да изненадува и по повеќе од две илјади години.

Ф.С.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ