четврток, октомври 10, 2024
домаЖивотВо "Јахја Кемал" Цветин и учениците со бои, стихови и музика ја...

Во “Јахја Кемал” Цветин и учениците со бои, стихови и музика ја славеа пролетта

Во средното скопско училиште “Јахја Кемал”, деновиве се случи необичен настан по повод доаѓањето на пролетта, 21 Март, каде со уметност и креации, со учениците и наставничките и познатиот македонски хуманитарен уметник Живко Поповски- Цветин се состави импресивна програма. Имено, македонскиот уметник го посети ова средно училиште, и во рамките на својот креативен Пролетен ден најпрво одржа ликовна работници на тема “Мироносни цвеќиња”, по што и вредните ученици изработија дваесеттина навистина прекрасни цветни цртежи.

На своето гостување во ова модерно скопско училиште, Цветин си доби “Цветиново катче” во ходникот на првиот кат, во кое беа изложени негови цветни цртежи, пораки и добиени песни, врамени во цветни рамки.
Сирма Катерина Митковска, Претседателка на Здружението на Просветни работници на Град Скопје, прочита дури четири свои песни посветени на овој познат и признат уметник, додека и учениците возвратија со целосно осмислена културно-уметничка програма, вредна за долги аплаузи.

Таа беше разновидна и се состоеше од неколку дела- поздравна реч од помошник- директорката Николина Јосевска, од директорот на целото училиште Гунгур Дурсун, и на професорките по македонски јазик, еден целосно уигран и одличен тим.

Вредните ученици, изведоа музички точки Јана Дамчевска на виолина и Глигор Дубров на сајзер, поезија и рецитации, една ученичка наизуст одржа одушевувачка беседа за пролетта, и други сценски изненадувања подготвени од страна на учениците, кои пак на тој начин го поведоа и уметникот да ѝм раскажува сѐ за себе, од “а” до “ш”. Од моментот на неговото раѓање на цветна ливада, сѐ до неговиот прв цртеж насликан пред публика, на приредба во училиште во Битола, за Цветиновата штафета, за земањето псевдонимот Цветин во чест на својата мајка Цвета, и многу други свои препознатливи анегдоти. И сето тоа траеше повеќе од три часа.

Не само тоа, срдечност на домаќините се покажа и во тоа што Цветин, и неговата придружба, ги вкусија вкусните јадења кои се подготвуваат во нивната кујна, го разгледа просторот, беа свечено примени во канцеларијата на директорот и за крај, сите заедно со учениците пуштија неколку мироносни балони, со порака за мир.

Уметникот се потсети дека со иста мисија во деведесеттите години ги обиколувал средните училишта, овој пат вознесен од тоа што го виде порача дека, според начинот на кој е организирано и функционира ова училиште, треба да биде пример за сите.

По овој заеднички уметнички перформанс во чест на пролетта, најавија и нови средби, на кои повторно ќе се црта, пишува, твори.

Валентина Ѓоргиевска Парго

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ