Слично на тестот за бременост, италијанските аптеки наскоро ќе добијат тестови „направи сам“ за вирусот корона со цел да ги тестираат граѓаните дома и да го намалат притисокот врз болниците. Тестот е изум на група млади научници од областа Венето, а кои го нарекле „Направи сам“, пишува RAI UNO. Тестот наскоро ќе биде достапен во аптеките и ќе им овозможи на граѓаните да проверат дома за 3 евра дали се позитивни на вирусот корона.

Овој тест ќе ги олесни работите и за здравствените работници и на граѓаните кои нема да мора да одат на лекар, што ќе го намали притисокот врз веќе преполните болници. Претседателот на регионот Венето, Лука Заја, на прес-конференција изјави дека наскоро ќе пристигнат 5.000 тестови.

Тестовите „направи сам“ ќе делуваат со барање на површински протеини специфични за вирусот. Тие содржат брис што изгледа како стап за чистење уши и се става во ноздрите. Треба да се сврти пет пати. После тоа, стапот се става во специјални контејнери опремени со реагенси кои ќе покажат дали наодот е позитивен или негативен. Две линии значат дека сте позитивни, една дека не сте. После резултатите, потребно е преку мобилен телефон да се активира апликацијата „Zero kovid Veneto“ преку која се регистрираат позитивни лица и веднаш комуницираат со здравствените власти.

Како што напиша претседателот Заја на својата страница на Фејсбук, најважниот момент е „зелено светло“ што се очекува од италијанскиот Институт за здравство и кое зависи од повеќе фактори: покрај специфичноста и чувствителноста на тестот „направи сам““, потребно е да се процени колку е јасен за граѓаните. Откако ќе ги донесе сите потребни овластувања, овој тест ќе биде подготвен за продажба во аптеките по цена од нешто помалку од три евра. Според официјалните лица, тестот е сличен на тестовите за бременост, а процесот за одобрување се очекува да заврши за десетина дена.  А.Н.