Синоќа се одржа 46-та церемонија на доделувањето на наградите „Пиплс чоис“, каде беше објавено дека публиката преку Интернет ја изгласа пејачката и актерка Џенифер Лопез за иконата за 2020 година.
Како и доделувањето на музичките награди „Ем-Ти-Ви Европа“, наградите „Пиплс чоис“ се одржаа пред виртуелна публика во Калифорнија.
Актерката Треси Елис Рос ја доби наградата за модна икона и ги повика гледачите да останат политички активни во нејзиниот говор.
Лопез одржа емотивен говор за време на доделувањето на наградата за икона на 2020, а во еден момент заплака. Таа рече дека нејзините соништа да биде ѕвезда изнервирале некои луѓе околу неа.
„Како Латиноамериканка и како жена, на моменти мора да работиме двојно повеќе за да добиеме шанса“, рече Лопез.
Џастин Бибер и Лејди Гага имаа по седум номинации.
Водителката на ток-шоу Елен Деџенерис им се заблагодари на обожавателите што биле со неа по обвинувањата за непријателско работно опкружување на снимањето на „Шоуто на Елен Деџенерис“. А.Н.