сабота, декември 21, 2024
домаКујнаПаоло Маџели со нова премиера во МНТ по 30 години

Паоло Маџели со нова премиера во МНТ по 30 години

Славниот италијански режисер Паоло Маџели, во МНТ започна да ја работи комичната претстава „Еден месец на село“, дело од врвниот книжевен опус на рускиот автор Иван Сергеевич Тургењев. За Македонскиот народен театар, оваа соработка е од исклучителна важност и еден од најзначајните проекти – не само за МНТ, но и за македонскиот театар воопшто, соопштуваат од МНТ.

Претставата „Еден месец на село“ е втора соработка на МНТ и Маџели. Тој по 30 години повторно се враќа на голема сцена. На 10 февруари 1988 година бешепремиерата на претставата „Црна дупка“ од авторот Горан Стефановски.

Комично-тажната руска приказна на Тургењев „Еден месец на село“ првпат е поставена во 1872 г. и зборува за Наталија, жена на богат земјопоседник, и младата Верочка, кои се вљубуваат во учителот на синот на Наталија. Низ драмата се провејува темата за љубовта и нејзините идеали, стремежот за среќа и возбудувања, но и прашањето на кое човекот понекогаш бара одговор – зошто човековата природа е таква што не може вљубеноста и среќата, кое тоа чувство ја носи, да ги задржи долго во себе.

Во овој исклучителен проект ќе бидат вклучени соработници и уметници, меѓу кои  Катерина Коцевска, која го направи преводот и адаптацијата на текстот, Жељка Удовичиќ – драматург, Лоренцо Банчи – сценограф и Мануела Паладин – костимограф. Музиката ќе ја работи композиторот и автор на филмска и театарска музика Љупчо Константинов, а инспициент е Вукица Александрова. Улогите ги играат: Ѓорѓи Јолевски, Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Катерина Коцевска, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска.

Паоло Маџели е роден во Прато, Тоскана, а веќе 30 години живее и работи во Загреб. Реализирал повеќе од 150 претстави во различни земји меѓу кои: Германија, Швајцарија, Италија, Израел, Унгарија, Венецуела, Мексико, Колумбија, Хрватска, Белгија, Словенија, Србија и Црна Гора.

Од 80-тите години неговите бројни режии оставаат длабок печат на балканските простори, а неговото влијание е присутно и на европската и латиноамериканска сцена. Во Прато бил асистент на Џорџо Стрелер, и заедно со Роберто Бенињи, Памела Вилорези, Саверио Маркони, Франческо Нути и Марчело Бартоли го основаат „Teatro studio de Teatro Metastasio“, каде што ја започнува својата кариера.

Во средината на 70-тите години почнува да работи на сцените во поранешните ју-простори (Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Сплит, Скопје и Дубровник), каде што се прославува и добива бројни награди за своите режии. Соучествува на меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ со тогашната уметничка авангарда, меѓу кои: Роберт Вилсон, Лучано Пинтилие, Петер Задек и Бен Бесон.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ