сабота, ноември 16, 2024
домаРепортери без граници: Годинава убиени 80 новинари во светот

Репортери без граници: Годинава убиени 80 новинари во светот

Невладината организација „Репортери без граници“ објави дека поради својата работа, најмалку 80 новинари се убиени оваа година во светот. Повеќе од половина беа убиени во само пет земји – Авганистан, Сирија, Мексико, Јемен и Индија, според годишниот извештај објавен во Берлин.

Според овие податоци, 15 новинари загинаа во Авганистан, 11 во Сирија, девет во Мексико, осум во Јемен и шест во Индија. Во извештајот се наведува дека шест новинари се убиени во САД, од кои четири се убиени во нападот на весникот „Капитал“ во Мериленд.

„Репортери без граници“ објави дека 348 новинари во светот се наоѓаат во затвор, главно во пет земји: Кина (60 новинари), Египет (38), Турција (33), Иран (28) и Саудиска Арабија (28).

Во последните десет години во светот се убиени 702 новинари. Новинарите кои ги следат вооружените конфликти во светот се изложени на најголем ризик, но исто толку загинаа и надвор од вооружени конфликти, и во овие случаи виновниците често знаат дека ќе се извлечат со неказнивост, се вели во извештајот.

Организацијата посочува дека во земјите како што се Кина, Египет, Иран и Саудиска Арабија постојано се наоѓаат нови методи за угнетување.

Граѓанското новинарство најмногу страда од овие методи кои вклучуваат контрола на интернет со цел да се контролираат блогери и новинари, кои објавуваат статии на интернет и социјалните мрежи.

Според извештајот, 60 новинари биле киднапирани во изминатата година, шест повеќе отколку во претходната година. Освен еден случај, сите киднапирања се случиле во Сирија, Јемен или Ирак.

„Репортери без граници“ ги повикаа Обединетите нации да воспостават функција специјален претставник за заштита на новинарите.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ