вторник, јуни 18, 2024
домаКујнаСвечено одбележување на 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“

Свечено одбележување на 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“

Кинотеката на Република Северна Македонија и Македонската академија на науките и уметностите со поддршка на Вардар филм ја одбележуваат 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“ – најуспешен игран филм во македонската кинематографија и најзначаен културен производ на Македонија, првенецот на режисерот Милчо Манчевски.

Одбележувањето ќе се одржи в среда, на 18 декември со два настани. Во 12.00 часот, во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите на гостите ќе им се обратат Акад. Таки Фити, претседателот на МАНУ и Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, а видеообраќање ќе има и проф. д-р Виктор Фридман, надворешен член на МАНУ. Свои излагања за „Пред дождот“ ќе презентираат и дописниот член на МАНУ проф. д-р Марјан Марковиќ, на тема „Македонскиот стандарден и дијалектен јазик во  филмскиот опус на Милчо Манчевски“, и проф. д-р Славица Србиновска, на тема „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“.

Во 20.00 часот во киносалата на Кинотеката ќе биде прикажана 35-милиметарска копија од „Пред дождот“ која Манчевски неодамна ја депонираше во филмскиот архив на Кинотеката, како и промоција на МАПА со репродукции од плакати на „Пред дождот“ од светската дистрибуција на филмот.

На оваа вечерна средба, покрај проекцијата и промоцијата, се надеваме дека по четврт век повторно ќе се собере дел од екипата на „Пред дождот“, ќе разменат свои спомени и искуства од заедничкото учество во проектот кој прерасна во нешто поголемо од само „уште една филмска продукција“.

Актерот Раде Шербеџија, кој го толкуваше главниот лик во филмот (Александар Кирков) веќе го потврди своето присуство на овој исклучителен настан.

„Пред дождот“ на Милчо Манчевски премиерно беше прикажан на 6 септември 1994 година на Филмскиот фестивал во Венеција (La Biennale di Venezia), или популарната Мостра. На 12 септември Манчевски се закити со „Златниот лав“ и уште неколку награди, а потоа нанижа триесетина награди на светската фестивалска мапа. Филмот освои и номинација за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, станувајќи најнаградуван филм во историјата на македонската кинематографија. Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги толкуваат Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски…

„Њујорк тајмс“ го вклучи „Пред дождот“ (1994) во листата на 1000 најдобри филмови некогаш направени.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ